Вархеји од Подгорица: Да се поврзат главните градови од регионот


Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји вчера  во Подгорица изјави дека Брисел предлага сите главни градови во регионот да се поврзат со автопатишта и железница, како и со брз широко појасен интернет.

– Ви носам нов инвестициски план за Западен Балкан, во кој е вклучена и Црна Гора. Кога новата Комисија го презеде мандатот имавме само три цели, првиот да ги обновиме односите со земјите од Западен Балкан и ангажман како да се приближат до ЕУ, истакна Вархеји.

Тој додаде дека е обновен целиот преговарачки процес со усвојувањето на новата методологија и истиот треба да доведе до раст на економијата и отворање на нови работни места.

Вархеји потенцира дека планот е осмислен на регионално ниво.

– Нудиме пакет од девет милијарди евра грантови и 20 милијарди евра во гаранции. Ова е една третина од бруто домашниот производ на целиот регион. Мислиме дека ова може да ја зајакне и поттикне целата економија во целиот регион во период од четири до пет години, наведе Вархеји.

Тој додаде дека ЕУ предлага и диверсификација на енергетските извори и постепено да се исфрла јагленот од употреба.

Вархеји во Подгорица имаше средби и со мандатарот за состав на нова влада на Црна Гора, Здарвко Кривокапиќ.

– Разговаравме и за економско-инвестицискиот план за Западен Балкан и неговиот потенцијал за регионот. Се радувам на соработката со новата влада, напиша Вархеји на Твитер по средбата со Кривокапиќ и лидерот на коалицијата Црно на бело, Дритан Абазовиќ.

Кривокапиќ  на Твитер порача дека членството во ЕУ останува приоритет за Црна Гора.

– Членството во ЕУ е наш приоритет. Благодарни сме на објективниот годишен извештај за напредокот, досегашната и идната помош од ЕУ, вклучително и новиот Економски и инвестициски план за Западен Балкан, наведе Кривокапиќ.

Еврокомесарот се сретна и со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ и присуствуваше на седница на црногорскиот Парламент.