Вархеји: До крајот на годината мора да испорачаме преговори со Македонија
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, при презентацијата на извештаите за земјите од Западен Балкан во Европскиот парламент, порача дека Европската комисија дала предлози за Западен Балкан , вклучувајќи и почеток на преговорите со Македонија, но за жал земјите членки тоа не го испорачаа. Затоа, тој ги повика европарламентарците да влијаат на нивните земји да овозможат напредок околу ова прашање бидејќи во спротивно, како што нагласи, ЕУ самата се спречува од одење напред.
-Ако не ја завршиме нашата работа во Западен Балкан тоа ќе доведе до многу сериозно компромитирање на нашите позиции, рече Вархеји, правејќи очигледна дистинкција меѓу тоа што го предлага и бара ЕК, и тоа што го дозволуваат членките на Унијата.
Околу спорот на Македонија со Бугарија тој беше уште подециден.Според него тој треба да се реши како прашање на ургентност бидејќи одлагањето на преговорите со Македонија има најнегативен ефект на кредибилитетот на ЕУ. Ова беше пораката со која тој практично ја почна презентацијата на извештаите.
-Работиме многу на ова прашање за да ја деблокираме ситуацијата , за жал досега без успех, но имаме надеж, бидејќи до крајот на оваа година мора да испорачаме (датум за преговори со Македонија). И кога велам мораме, мислам на нас, на сите земји членки на ЕУ. Исто така потребна е поголема решеност и од двете земји за да се придвижиме напред, рече Вархеји додавајќи дека изборите во Бугарија и во Македонија ја искомплицираа ситуацијата, но дека почнувањето на преговори е поважно од избори.
Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев го уверуваше еврокомесарот и пратениците дека ако сакаат да бидат сфатени сериозно околу проширувањето треба да ги започнат веднаш преговорите со Албанија, место да ја чекаат Македонија да го реши спорот. Потоа тој уверуваше дека причина за спорот со нашата држава не е некое „лудо националистичко прашање“ што се користи пред избори туку прашање за основни човекови права, односно дискриминација на луѓе кои се плашат отворено да се декларираат како Бугари во Македонија. „За наследството на Тито не треба да има место во ЕУ“, рече Ковачев.
Одговарајќи на прашањата на европратениците Вархеји рече дека не смејат да се обесхрабрат тие што работат и прават реформи. Ние сме во многу критичен момент и ако не можеме да ги донесеме одлуките што треба, ќе се најдеме во тешка ситуација и грешката ќе биде наша, рече тој. Попрецизно околу Македонија Вархеи порача:
-Она на што работам е да биде решен овој спор оваа година, најдоцна до декември, но не можам да ви дадам други инсајдерски информации.Двете земји ги исполнија условите заедно и бараме преговори со нив заедно.
Околу прашањето дали билатералните прашања се дел од преговарачкиот процес, тој рече дека добрососедските односи се дел од критериумите за прием и во таа смисла тие се специфично спомнати во случајот со Македонија, вклучувајќи го Преспанскиот договор со Грција и прашањето со Бугарија и, според него, тие се дел од преговарачкиот процес.
Вархеји се соочи со многу прашања за иницијативата Отворен Балкан,во смисла дали таа се коси со интересите на Унијата, а меѓу нив беше и тврдењето на Ангел Џамбаски од Бугарија кој оцени дека таа само и служи на Русија за влијание на регионот. Спротивно на тоа, Вархеји беше убеден дека единствен пат за напредок на Западен Балкан е регионалната соработка во која ќе учествуваат сите шест земји и ека Брисел притиска за тоа. Таа е, рече Вархеји, дел од Берлинскиот процес и многу приземна иницијатива која го менува животото на граѓаните и бизнисот.
-Ќе бидам искрен и ќе кажам дека идејата Отворен Балкан, или како што се викаше најпрво Мини Шенген, дојде од регионот. Ние сакаме сите земји од Западен Балкан да бидат во неа и таа да биде под чадорот на Европската унија.Ги повикуваме сите земји да се приклучат, рече Вархеји, откако објасни дека постоел договор за заеднички регионален пазар , но една од земјите се повлекла, па ја искористи говорницата – да ја повика да се врати назад.