Вархеи: Сите грижи на Бугарија се дел од преговарачкиот процес


Оливер Вархеи
 
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји утринава оцени дека сите бугарски барања се внесени во преговарачката рамка за Македонија, пред денешниот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел.
 

„ЕУ ги сфаќа сите бугарски грижи многу сериозно и тие сега се дел од преговарачкиот процес. Моментот за одговорни одлуки е сега. Западен Балкан треба да биде дел од нашата Европска унија. Заедно ќе бидеме посилни“, твитна Вархеји.

 

Од Брисел се јави и албанскиот премиер Еди Рама, кој објави селфи со премиерот Димитар Ковачевски.

„Сè уште го чекаме Годо? Не, навикнати сме на ваква шарада и сме повеќе од кога било посветени нашите земји да напредуваат и да го модернизираме регионот со непоколеблив европски дух“, објави Рама.

Денеска и утре во Брисел се одржува и состанокот на лидерите на земјите членки на ЕУ, на кој што треба, меѓу другото, да се одлучи и за евентуален почеток на пристапните преговори на ЕУ со Македонија и Албанија.

Францускиот предлог за преговарачката рамка денеска повторно е на дневен ред во бугарскиот парламент.