Вархеи очекува одлука за старт на преговорите во наредните недели


Брисел – „Европската комисијата стои цврсто на своите препораки за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, и се надевам дека земјите-членки ќе донесат позитивна одлука во наредните недели“, порача еврокомесарот за проширување на Оливер Вархеи по објавувањето на извештаите за напредокот на двете земји.

„По усвојувањето на ревидираната методологија во февруари, денеска ги презентираме нашите ажурирани извешати за Албанија и Северна Македонија. Тие покажуваат дека земјите ја засилиле својата работа и испорачале дополнителни опипливи и одржливи резултати во клучните области утврдени во заклучоците на Советот од јуни 2018 година“, изјави Вархеи и нагласи дека според ЕК исполнети се критериумите за старт на пристапните преговори.

Извештаите објавени денеска го поздравуваат напредокот во двете земји.

Портпаролката на ЕК за проширување, Ана Писонеро, претходно изјави дека Комисијата, по оваа проценка на двете земји, останува на ставот дека Скопје и Тирана се подготвени за почеток на преговорите со ЕУ и се надева дека овој пат Советот ќе даде зелено светло, паралелно со ревидираната методологија за преговори.

Фактот што пред овие извештаи беше објавена новата преговарачка методологија е причината зошто Европската комисија е оптимист дека земјите членки овој пат едногласно ќе одобрат почеток на преговорите.

„Се надеваме дека предлогот ќе функционира за двете страни, ги зедовме предвид преокупациите на земјите членки и паралелно со тој предлог ги објавуваме овие извештаи кои покажуваат опиплив и одржлив напредок во клучните области кои Советот сам ги идентификуваше, ова е добра основа за носење на позитивна одлука и значително пред самитот во Загреб“, изјави Писонеро.

Северна Македонија и Албанија сега го чекаат судот на земјите членки. Еден од проблемите кои се најавуваат повторно е прашањето за одвојувањето на двете земји, со оглед на тоа дека Холандија ставила на знаење на последната средба на министрите за надворешни работи на ЕУ дека зеленото светло за Албанија е тешко изводливо. Се очекува повторно да се изјасни и холандскиот парламент на оваа тема.

Франција, од своја страна, се противи на секакво одвојување на двете земји. (МИА)