Вархеи не е чесен посредник за кревање на бугарската блокада на Македонија, пишува „Политико“


Фото: Б. Грданоски

Во обемен текст за работата на еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, ден пред почетокот на самитот на ЕУ и Западен Балкан, бриселски „Политико“ пишува дека Унгарецот фаворизира само една земја од кандидатите – Србија, и  покрај тоа што таа бележи големо назадување во демократските реформи и владеењето на правото. „Политико“ вели дека досието на Македонија треба да биде „најважното“ како што изјавиле дипломати во Брисел, но во него Вархеи не направил никаков напредок.

Службеници на Комисијата, дипломати на ЕУ и европратеници, изразиле фрустрација поради пристапот на Вaрхеи спрема Македонија. „Земјата презеде големи чекори за да започне преговори за членство во ЕУ, дури го смени и името за да стави крај на спорот со Грција што го блокираше нејзиниот напредок со децении. Заедно со Албанија, Северна Македонија доби зелено светло за почеток на преговорите минатата година, само за тие разговори да бидат блокирани од Бугарија поради спор околу јазикот и историјата“, пишува „Политико“ и додава дека „критичарите го обвинуваат Вархеи дека не работи како чесен посредник за решавање на спорот и отклучување на преговорите за членство“.

Според еден од дипломатите со кои разговарале новинарите на „Политико“, Оливер Вархеи дал „некорисни предлози до Бугарија што повеќето земји-членки веќе ги отфрлиле“.

Вархеи, нагласува „Политико“, ја збуни европската јавност оваа година, кога ја изнесе идејата дека на Албанија треба да ѝ се дозволи да започне преговори за членство без Македонија, што веднаш беше отфрлено и од Европската комисија и од повеќето земји-членки.