Вархеи како Таинствениот Алан – мистериозно дојде и си замина


Зоран Заев го пречекува Оливер Вархеи во Клубот на пратениците (Фото: Прес служба на Владата)

Никој не го виде ни слушна еврокомесарот за проширување. За разговорите во Скопје сведочат само неколку пораки на Твитер 

 

Не се памети толку таинствена посета на еден важен функционер на Скопје, како што беше денешнава на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи. Вчера  претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека „работиме со двете страни, работиме и со Бугарија за да ја надминеме последната пречка. Има многу добри идеи што треба да се разгледаат, сѐ со цел да ја надминеме последната пречка и да се одржи првата меѓувладина конференција“.

Дали Вархеи со премиерот Зоран Заев разговарал за тие „многу добри идеи“ не е познато, затоа што единствената трага од денешната посета на еврокомесарот се само  Твитер пораки. „Среќен сум повторно да го посетам Скопје за сеопфатни разговори со премиерот Зоран Заев. Се согласивме брзо да почнеме да ги спроведеме првите најважни проекти од Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, со цел да го поттикнеме економскиот развој во Северна Македонија и регионот во ЕУ“, напиша Вархеи на Твитер.

Заев на Твитер објави дека се сретнал со Вархеи, со кого, како што напиша, отворено разговарале за неколку теми, како што е економскиот инвестициски план, кој е навистина силен позитивен импулс за нас, до конкретни проекти кои ќе бидат објавени до крајот на годината.

„Една од темите на разговор ни беа и подготовките кои ни претходат за претстојниот самит за Западен Балкан во Словенија следната недела, каде ќе имаме одличен простор за заедничка дискусија. Европскиот пат е важен за двете страни, и за Северна Македонија и за ЕУ, и посветени сме на тој процес“, напиша Заев на Твитер.

Ни збор за блокадата на Бугарија, за тоа кои се тие можни „многу добри идеи“, дали воопшто има шанси да се крене ветото на Софија. За време на минатонеделната посета на Вархеи на Софија (која, исто така, беше прилично тајна), сепак имаше две соопштенија од средбите – едното од разговорите кај претседателот Румен Радев, а друго од состанокот со службениот министер за надворешни работи, Светлан Стоев.

Во соопштението за разговорите од бугарскиот претседател, стоеше дека Радев побарал од Вархеи европските институции да ги штителе човековите права во Македонија.  „120.000 бугарски државјани во Република Северна Македонија се државјани на Европската унија, и Бугарија се потпира на поддршката на европските институции за ефективно почитување на нивните права“, му рекол Радев на Вархеи. Радев ја обвини Македонија и дека во нашата држава сè уште не бил решен „проблемот со говорот на омраза и всадување лажна слика за Бугарија во учебници, музеи и споменици, како и во однос на правата на граѓаните кои отворено ја изразуваат својата бугарска самосвест“.

Од Европската комисија пред посетата на Вархеји на Скопје посочија дека еврокомесарот е во комуникација со сите релевантни страни во однос на дискусијата за почеток на преговорите со  Македонија и Албанија што е можно поскоро.

Јасно е дека разговорите на Вархаеи во Софија и Скопје се дел од некаква тајна дипломатија. Што се предлага на овие средби, за што се разговара, засега никому не му е јасно. Некои работи можеби ќе станат почисти на самитот ЕУ-Западен Балкан идната недела во Брдо кај Крањ, Словенија (Н.В.)