Вардариште се уште гори, Меџити испратил инспектори

Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска во изјава за медиумите рече дека деновиве се очекува да бидат готови резултатите од инспекцискиот надзор што се прави на депонијата „Вардариште“.
– Веќе е испратен Инспекторатот на терен и ги чекаме резултатите. Врз основа на тоа, ќе одговориме, изјави Меџити одговарајќи на новинарски прашање по денешната прес-конференција по презентацијата на Проектот за субвенционирање на 200 електрични возила за таксистите.
Жители на скопските општини Аеродром и Лисиче веќе неколку дена од 18 часот протестираат барајќи решавање на проблемот со депонијата Вардариште од каде, како што тврдат, се шири чад и отровна миризба.
Дивата депонија „Вардариште“ деновиве беше и тема меѓу кандидатите за градоначалници на Скопје кои нудеа решенија за надминување на проблемот.
Пожарот на дивата депонија „Вардариште“ во скопската Општина Гази Баба е уште активен иако е под контрола. Оваа дива депонија се наоѓа на само 6,5 километри од зградата на Владата во строгиот центар на Скопје.Депонијата се запали на 31 август, а со денови смрди од големиот пожар чии последици уште се чувствуваат низ неколку скопски општини. Кога избувна големиот пожар, од безбедносни причини исклучени беа далекуводите што ги напојуваат со електрична енергија населбите Аеродром и Лисиче и пет часа немааше струја.
Продолжуваат и протестите на жителите на Аеродром кои секој ден во 18 часот ја блокираат раскрсницата меѓу булеварите „АСНОМ“ и „Србија“ дури не се реши проблемот.Граѓаните со транспаренти порачаа „Добредојдовте во Гасодром“, додека на самата улица на бандерите испишаа натписи „Секој ден блокада 18:00 часот“ и „Аеродром зелено гето“.
Протестите траат веќе неколку денови. Граѓаните бараат решение за долгогодишното загадување и труење што доаѓа од Вардариште, некогашната депонија која претставува црна точка и еколошка бомба не само за локалците, туку и воопшто за цело Скопје.