Вардариште повторно ги труе лисичани
Жителите на Лисиче и Ново Лисиче во Општина Аеродром се бесни и гневни, што неколку вечери го гледаат и чувствуваат чадот што доаѓа од запаленото ѓубре на Вардариште.
Фотографиите кои ги споделуваат на социјалните мрежи се апокалиптични. Куќите обвиени со маглив чад, а смрдеата на изгорено се вовлекува во домовите и становите.
Повикот до надлежните досега нема влодено со плод. Сите се прогласуваат за ненадлежни – и Општина Гази Баба на чија територија се наоѓа Вардариште, и Општина Аеродором, чии жители ги трпат последиците и секако, Градот Скопје. До јавните претпријатија кои треба да се зафатат со расчистување на дивата депонија гласот на луѓето воопшто не стигнува. Полицијата и инспекторите се појавуваат на овој потег одвреме-навреме, но редовно не наоѓаат кој е тој што пали.
Граѓаните никако да се договорат здружено и заедно да излезат на некаков протест, уште помалку да се соберат и да поднесат колективна тужба, како што сугерираат некои во коментарите на социјалните мрежи.
Проблемот е со години. Летно време се зачестува палежот, па низ населбите Лисиче и Ново Лисиче не се гледа прст пред око, а чадот штипе.
Она што властите го направиле досега е само да поминат еден ден, со целиот тим за односи со јавност, да снимат видео или да се фотографираат, да покажат дека биле, дека знаат, да ветат дека ќе се зафатат со решавање на проблемот, а потоа да заборават до следниот пат кога Вардариште ќе почне да ги труе скопјани.
Ниту ветената и никако почната пречистителна станица не успеа да го реши овој проблем, а таа треба да се наоѓа во негова близина. Доколку се реализира, можеби ќе беше отстрането и Вардариште, но ако се знае дека пречистителната станица заглави во смената на директори на „Водовод и канализација“, тогаш не треба да очекуваме скоро да почне да се гради. Вардариште и понатаму ќе чади.
На Вардариште запалени гуми и ниска вегетација, регистрирани уште седум пожари на отворено
Осум пожари на отворено се регистрирани во последното деноноќие и сите се изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи.
Пожарникарите интервенирале за гаснење во Гази Баба кај депонија Вардариште (гореле гуми и ниска вегетација, а опожарена е површина од еден хектар), Битола кај Магленица, Прилеп во близина на армискиот гарнизон, Гевгелија с. Мрзенци, Богданци во атарот на Богданци (ниска вегетација), Кавадарци кај населба „Глишиќ“, на месноста „Смилица“ (ниска вегетација – изгорена површина еден хектар), Липково кај с. Матејче (ниска вегетација) и во Општина Ранковце кај с. Гиновце (горела мешана шума и е изгорена површина од еден хектар).