Вардариште постојано гори, а надлежните немаат „лек“


Секојдневните објави од фотографии на граѓани по социјалните мрежи со црн чад што се издига од Вардариште, не се доволни за да се реши деценискиот проблем.

Последните неколку дена, постојано има вакви објави и повици од граѓани кои го забележуваат црниот чад, а надлежните како да немаат решение.

Под една од објавите на Фејсбук, се одговара дека: „Цел ден инспекцијата на општина Гази Баба е на терен заедно со Противпожарна служба и МВР. Поранешната депонија Вардариште е жешка точка во поглед на спалување отпад. Прекршители не се затекнати поради тоа што го палат отпадот и заминуваат а штом догори се враќаат по металите“.

Граѓаните им сугерураат дека и инспекциите и полицијата треба да се вратат кога ќе догори, за да се најдат оние кои сакаат да ги соберат металите, заради кои и се палат каблите, или пак таму да има 34 часа служба која нема да дозволи воопшто да се запали оган.

Но, и покрај секојдневните објави и ваквите парцијални интервенции, оваа локација, особено летно време е извор на загадување. Проблемот не го реши ниту едналокална самоуправа досега, а и ова лето дел од Гази Баба и на другата страна преку Вардар, накај Ново Лисиче, црниот чад го труе воздухот.