Вардариште – апокалипса среде Скопје!
Со децении властите на Скопје не можат да го решат проблемот кој е закана за здравјето на граѓаните. Еве ја нашата репортажа како, всушност, изгледа Вардариште

Во фокусот на вниманието на скопјани деновиве е Вардариште откако во неделата се запали (повторно и повторно), па поголемиот дел од Аеродром остана без струја. Чадот, лошата миризба, смрдеата се гратис.
Но, ретко кој од тие што се гневни на децениски нерешениот проблем со поранешната депонија Вардариште, која одвреме-навреме или сѐ почесто ги труе скопјани, биле на Вардариште, да видат одблизу како изгледа.

Утринава, четири дена по пожарот, што пожарникарите почнаа да го гасат, а поради обемот, напомош им пристигнаа и еден БТР, еден „хермелин“ и еден тим на Дирекцијата за заштита и спасување, бевме да погледнеме каква е состојбата таму.
Од улицата „Перо Наков“ која води кон Кванташкиот пазар, на првата уличка десно се пристигнува до ЈП „Лајка“, задолжено за прибирање и чипирање на уличните кучиња. Патчето е тесно, полно со дупки, а секако, како добри домаќини, ве пречекуваат две-три кучиња. Со обетка! Не лаат, всушност не се ни поместуваат, туку лежат на асфалтот.
Миризбата на тежок чад е очекувана, па не реагирате.

На втората уличка десно, исто по искршен и полн со дупки асфалт, се наоѓаат неколку фирми кои работат со отпад, па не се изненадување неколкуте кранови кои креваат железни цевки и кабли и ги товараат на камиони. Над високата ограда ѕиркаат врвови од купишта отпад (делови од автомобили, апарати за домаќинство, железа, гајби…) На крајот се наоѓа и претоварната станица „Вардариште“. Оградена и со рампи, па пристапот со возило не е можен.
По третата уличка десно, се доаѓа до диво изградената ромска населба. Пред неа – купишта отпад. Од ѓубриштата полетуваат јата птици, а неколкумина селектираат. Прекопуваат по отпадот и товарат на запрежни коли. Ги прашавме што прават со отпадот. Велат дека доаѓаат од Прилеп и земаат за тамошната фабрика за преработка на отпад. Но, претходно треба да се селектира, за да може да се наплати.

Десно од нив, кога се гледа кон Вардар, Ново Лисиче, Аеродром, а во заднина се гледаат и кулите „Џеваир“, е згариштето, односно изгорениот дел од пожарот што беснееше во неделата и го труше Скопје. Со земја се покриени купиштата ѓубре, а тревата која таму нараснала горела во неделата. Во длапката, сѐ уште гори, тлее. Одвреме-навреме се појавува пламен, но постојано чади. Чадот е бел, густ, а ветрот го носеше по течението на Вардар. Нема пожарникари, ниту полиција. Никој не ја следи состојбата!

Оние кои живеат во близина, нас нѐ прашаа дали уште гори. Тие не одат таму. Доволно им е што го гледаат чадот и знаат дека уште гори. Не им е првпат. Но, веќе четири ноќи спијат во приправените куќички, знаејќи дека педесетина метри од нив огнот не е доизгаснат.
Велат дека во неделата пожарникарите гаселе, но не нафрлиле земја врз опожареното место. Знаат дека спијат врз и до ѓубре. Дека има „џебови“ полни гасови, кои во секој момент можат да предизвикаат поголема катастрофа. Но, нивниот живот е тука. За депонијата знаат повеќе отколку надлежните и со неа се однесуваат со почит. Ние бевме тие кои одеа по мекиот терен, внимавајќи (иако ни самите не знавме на што внимаваме) за да го фотографираме остатотокот од пожарот што тлее. Од инспекциите кои деновиве беа таму, добиле задача „местото да го направат писта“, па утрово енергично работеа.

Депонијата е огромна. Веднаш до неа има објекти на фирми, живеалишта, приправени или добри, здрави куќи, а насобраното ѓубре се обвива околу нив, како река која си прави пат на нерамен терен.

По должината на кејот наредени се далекуводи, заради кои во неделата (по втор пат летово) беше исклучена струјата во речиси цел Аеродром, додека гореше депонијата.
На заминување, миризбата веќе не ја чувствувате. Сте се навикнале. Насмеаните деца, кои се возат со колички по натапканите патеки, нѐ поздравија: и тие прашаа дали уште гори…

Депонијата Вардариште со децении е затворена, но постојано го труе Скопје. Ниту една градска власт досега не успеа да најде решение за овој еколошки проблем, иако најавуваа чистење, ревитализација, зазеленување и слични иницијативи. Вардариште до 1997 година се користеше за фрлање комунален отпад од Град Скопје, кога се отвори „Дрисла“. Натрупуваниот отпад сега се распаѓа. ЈП „Комунална хигиена’, на почетокот има ограден простор кој функционира како претоварна станица, но останатиот огромен дел е небезбеден и незаштитен од недозволено фрлање отпад. За тоа посведочија и оние кои ги сретнавме таму.
Велат: „Не знаете навечер што се случува. Овде доаѓаат со камиони и фрлаат градежен шут, стар мебел, апарати за домаќинство и друго. Тоа никој не го спречува!“
Потпалувањата се редовна појава. Од последниот пожар пред четири дена, се гушеа граѓаните на Аеродром и Лисиче, а со часови без струја останаа и Методија Андонов – Ченто, Кванташки пазар, Трубарево, Стајковци, Арачиново и Бунарџик.
Политичарите нудат различни решенија
Кандидатот за градоначалник на Скопје, од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, вели дека „уште од октомври започнуваме со темелен процес за правилен третман на отпадот, целосно чистење и уредување на просторот. На ова место ќе никне еден од најголемите паркови во Скопје, зелена оаза и новите бели дробови на нашиот град на 300.000m2. Скопјани заслужуваат чиста иднина и здрав живот!“
Тој во понеделникот беше на Вардариште заедно со градоначалниците на Гази Баба и Аеродром, Бобан Стефковски и Дејан Митески. Вардариште е лоцирано на територијата на Гази Баба. Стефковски (кандидат за уште еден мандат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ) вели дека „веднаш по локалните избори Градот Скопје со целосна поддршка од Гази Баба и Аеродром ќе започне со активности согласно студијата и на ова место ќе се изгради најголемиот зелен парк во Скопје“.
Кандидатката за градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ, Каја Шукова, смета дека секој што ветува претворање на оваа локација во парк или спортски терени, ќе мора да одреди друга локација за претоварна станица. Дополнително, Шукова укажува дека таму поминува и колекторскиот систем за Скопје, кој го градеше француска фирма, со која пак сме на арбитража и додека не заврши арбитражата никој не смее да чепне ништо таму.
Затоа, таа ветува решение во две фази:
„Прва фаза за заштита од палење. Во рок од 45 дена систем за спречување нa палењето на депонијата. Потоа, оградување на Вардариште, 24-часовна физичка контрола и обезбедување. Втората фаза, на долг и среден рок, предвидува изградба на современа претоварна станица и целосна санација на контаминираната локација. Воспоставување целосен систем за управување со отпад – од собирање до финално депонирање во „Дрисла“, со задолжителна селекција, како и обнова на механизацијата за собирање и транспорт на отпад.
Во меѓувреме, денеска трет ден по ред, жители на Аеродром се собираат на почетокот на мостот „Киро Глигоров“ и ги повикуваат надлежните да го решат проблемот со Вардариште пред избори.

„Ова не е политика, ова е борба за здравје. Ќе излегуваме секој ден, додека конечно не се реши проблемот и додека не видиме дека се преземаат конкретни чекори, а не само празни ветувања“, велат граѓаните. Најавија дека ќе протестираат секој ден од 18 часот, сè додека не се реши ситуацијата.
Од „О2 иницијатива“ упатија апел до сите кандидати за градоначалници и советници во Град Скопје, Општина Аеродром и во Општина Гази Баба дека Вардариште не може да чека.
„Доста е со молкот, одлагањето и префрлањето одговорност! Вардариште не е тема за кампања, тоа е закана за нашето здравје и за иднината на Скопје. Сакаме решенија, а не заткулисни игри. Јавно и гласно обврзете се дека ќе ја решите оваа еколошка бомба. Ова не е борба за функција, ова е борба за живот и здравје“, нагласија од „О2 иницијатива“.
Тие побараа итна изработка и активирање проектна документација за санација и ревитализација на Вардариште, за што, како што наведоа, е потребна итна изработка и носење на двата детални урбанистички плана за Вардариште, од страна на Општина Гази Баба. А, во меѓувреме, депонијата да се запечати, да се огради, да се осветли и да се постават 24-часовна чуварска служба и видеонадзор, и тоа во најбрз можен рок.