Вардарци едногласни: Имаме одличен резултат од првиот меч со Загреб, но не смееме да се опуштиме

Вардар е на 60 минути од потврда на шестиот пласман во четвртфиналето на ЕХФ Лигата на шампионите. Во сабота, во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје од 19:30 часот се игра реванш осминафиналниот меч со ППД Загреб во кој Вардар повторно важи за фаворит. На првиот меч во Загреб во саботата нашиот шампион победи со 27:18.

„Имаме одличен резултат од првиот меч во Загреб. Сепак, не смееме да се опуштаме. Никако не смееме да заборавиме дека Загреб е одлична екипа. Мораме да продолжиме во наш стил и да го одиграме сериозно овој натпревар. Мораме на најдобар можен начин да одработиме и на реваншот и така да се пласираме понатаму. Ќе се обидеме на реваншот да одиграат што повеќе ракометари, па на тој начин играчите да добијат поголема самодоверба за следниот натпревар“, изјави Роберто Парондо, тренерот на Вардар.

Вардар и ППД Загреб играа меѓусебе двапати сезонава, но во рамките на СЕХА лигата. Овој натпревар ќе биде и последна контрола пред заминувањето за Брест каде во вторник и среда треба да се играат мечевите од Ф4 турнирот.

Вардарци се свесни за фаворитската улога, но капитенот Стојанче Стоилов најавува дека нема да го потценат ривалот.

„Имаме одличен резултат од Загреб и реално е да мислиме дека ја имаме завршено работата. Загреб е квалитетна екипа, но сигурно нема да дојдат тука предадени и ќе се борат да го обелат образот по лошото издание. Важно е за нас да одиграме како што знаеме уште еден добар натпревар“, смета Стојанче Стоилов, капитенот на екипата.