Вардар се спаси од двегодишна суспензија од Европа, но опасноста допрва доаѓа


Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) ја симна потенцијалната двегодишна суспензија за Вардар во меѓународните купови. Заканата кон „црвено-црните“ беше упатена во втората половина на декември во минатата година за наталожени долгови кон фудбалерите и стручниот штаб во клубот.

На клупското раководство тогаш му беше даде рок (31 јануари) за сервисирање на сите обврски заклучно со 30 септември во 2018 година. Па, откако контролното тело при фудбалската централа во Нион доби докази дека е постапено по препораките, ја укина можноста за забрана за учеството на вардарци во Лигата на шампиони или во Лига Европа за период од две години.

„Вардар до контролното тело достави докази со кои го задоволи судскиот совет и фактот дека условите што беа поставени беа исполнети“, стои во објавата на УЕФА.

Но, Вардар, сепак, нема да игра во Европа ова лето. Најтрофејниот македонски клуб ја заврши сезоната на второто место на прволигашката табела меѓутоа не доби лиценца од односната комисија при Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Одлуката на Куќата на фудбалот во минатата недела беше образложена со неисполнување на финансиските критериуми. Управата сама дала рок кај играчите дека сите долгови ќе бидат подмирени до 15 мај и истовремено поднесе жалба до ФФМ што, исто така, беше одбиена како неоснована и нагласена како конечна.
Од неизлегување на вардарци на меѓународната сцена профитира екипата на Македонија Ѓорче Петров која како петтопалсирана во шампионатот ќе нè претставува во квалификациите за Лига Европа заедно со Академија Пандев и Шкупи.

Со оглед на тоа дека не се подмирени долговите кои Вардар ги има, а се доспеани по периодот за кој беше под мониторинг од УЕФА, не е исклучена можноста нашиот најтрофеен фудбалски клуб повторно да се најде во проблеми во Нион, a недобивањето на лиценца за во Европа од страна на ФФМ само ги зголемува шансите на Вардар повторно да се соочи со сериозни замерки од страна на УЕФА.