Вардар против домаќинот ја брани титулата


Нема одмор за ракометарите на Вардар. По апсолвирањето на Загреб во осминафиналето од Лигата на шампионите и пласманот меѓу најдобрите осум екипи на стариот континент, македонскиот шампион вечерва ќе игра во полуфиналето од СЕХА-лигата. Противник од 20 часот по локално (19 ч. по македонско) е домаќинот на завршниот турнир – белорускиот Мешков Брест. Европскиот шампиони од 2017 година влегува во мечот како фаворит, но Белорусите честопати знаеле да се покажат како незгоден ривал, а пред нивните навивачи сигурно ќе сакаат да обезбедат трето финале во ова натпреварување, па и да стигнат до првиот трофеј.
Македонските ракометари веќе допатуваа во Брест. Капитенот Столе Стоилов вели дека немало многу време за подготовка за завршниот турнир, иако „црвено-црните“ имаа релативна опуштена недела по високата победа над Загреб во првиот меч.
„Не можеш да се одмораш на терен, мораш да даваш максимум. Но, така беше и за другите екипи. Осми пат сме тука, секогаш сме доаѓале да победиме. Ние сме бранители на титулата, ние сме Вардар и тоа треба да го покажеме на теренот. Ако тие мислат дека се фавороти – супер, притисокот ќе биде на нивен грб“, потенцира Стоилов.
Хрватскиот репрезентативец, Игор Карачиќ по седум години во Скопје заминува во Киелце, па вели дека сака со што е можно повеќе титули да ја напушти Македонија.
„Тука ги минав најубавите години, Скопје е мојот дом, ги сакам луѓето, клубот, градот. Сакам да ја освоиме титулата во СЕХА, а потоа да се пласираме и на завршниот рутнир од Лигата на шампионите“, изјави Карачиќ.
Вардар и Мешков редовно се среќава со Мешков и во СЕХА и во Лигата на шампионите. Сезонава, во двата меча од СЕХА, изненадувачки славеа Белорусите, но тие немаа никакво значење за вардарци, па играа со комбиниран состав, додека Мешков се бореше за пласман на завршниот турнир. Од друга страна, лани во Лигата на шампионите, Вардар извлече бод од Белорусија, дома беше супериорен и славеше со седум разлика.
Ова е завршеток на осмата сезона од СЕХА-лигата. Вардар славеше петпати досега, унгарски Веспрем двапати, а еднаш победија загрепчани. Скопјани ја бранат титулата, лани победија на свој терен против Загреб со 26-24.
Натпреварите денеска и утре (финалето и мечот за третото место) се играат во салата „Викторија“ која има капацитет од помалку од 4.000 седишта. Влезниците се продаваат по цена од две евра за еден меч дневно, односно четири евра за комплетната дневна програма од два натпревари.
„Никој не веруваше во нас пред почетокот на сезоната, но еве, успешни сме на сите полиња, ваква борбеност и желба мора да ни донесат успех“, заклучува Карачиќ.
Крилото Тимур Дибиров напоменува дека нема да биде лесно, ќе треба да се одиграат два меча за два дена, но оти токму од тие причини се ротирало на реваншот против Загреб во Лигата на шампионите.
Во тој поглед, треба да се напомене дека Мешков Брест имаше еден ден помалку одмор, затоа што тие во неделата го играа возвратниот меч против Фленсбург во Германија. Загубија десет разлика (30-20) и со тоа ги завршија настапите во Лигата на шампионите.
Во другиот меч од полуфиналето од СЕХА, ќе гледаме хрватски дуел меѓу Загреб и Нексе. Мечот е закажан за 17.30 часот по локално време. Во исто време, утре ќе се играат мечевите за пласман.
Досегашни финални средби во СЕХА:
2012: Загреб: Вардар – Металург 21-18
2013: Скопје: Загреб – Вардар 25-24
2014: Нови Сад: Вардар – Мешков 29-27
2015: Веспрем: Веспрем – Мешков 32-31
2016: Вараждин: Веспрем – Вардар 28-26
2017: Брест: Вардар – Веспрем 26-21
2018: Скопје: Вардар – Загреб 26-24
2019: Брест: ?
ПИК Сегед последна пречка пред Келн
Ракометарите на ПИК Сегед ќе му бидат противник на Вардар во четвртфиналето од Лигата на шампионите. Унгарците елегантно го елиминираа составот на Висла Плок, совладувајќи го и на реваншот со 23-16 (во првиот меч славеа со 22-20). Впечаток е дека македонскиот шампион доби противник по мерка и има реални шанси третпат по ред да избори пласман на завршниот турнир што традиционално се игра во Келн. Натпреварите од четврфиналето се на програмата од 24 до 28 април, а реваншите се седум дена подоцна. Вардар ќе биде домаќин на првата средба.
Во другите мечеви се среќаваат Нант – Барселона, Киелце – ПСЖ и Фленсбург – Веспрем.