Вардар потврди: Нов бразилски репрезентативец пристигнува во Скопје


Европскиот шампион Вардар следната сезона повторно ќе има бразилски репрезентативен ракометар во своите редови откако клубот денеска го потврди доаѓањето на 25-годишниот бразилски интернационалец Хозе Гиљермо Де Толедо.

Толедо потпиша двегодишен договор со европскиот првак Вардар, а игра на позицијата десен бек.

193 сантиметри високиот ракометар роден во Сао Паоло ќе му биде колега на Даинис Криштопанс на десната бековска страна. Толедо е репрезентативец на Бразил, и има освоени златен (2016) и сребрен (2018) медал од Пан Американските игри. Играше и на СП 2015 година во Катар.

Толедо е вториот Бразилец во клупската историја што ќе настапува во дресот на Вардар и ќе го замени својот сонародник Рожерио Мораеш кој си заминува од редовите на европскиот шампион и следната сезона ќе биде дел од составот на Веспрем.

„Со ангажирањето на Толедо веруваме дека ќе имаме уште подобра бековска линија во Вардар. Бразилецот низ своите настапи претходните години покажа дека може да биде корисен во секој тим. Неговата младост и пред се напаѓачки и одбранбени способности секако ќе бидат добредојдени. Очекуваме Толедо да ја искористи шансата што ќе му биде укажана, и да покаже дека и ние и тој направил одличен избор со доаѓањето во Скопје, изјави Извршниот директор на Вардар Давор Стојаноски.

Толедо има искутво во играње во европските купови од 2014 година кога потпиша за шпански Гранољерс. По една не цела сезона се сели во Висла Плоцк во Полска каде останува до крајот на сезоната 2018/2019.

Последниве две сезони како член на Висла, бразилскиот ракометар постигна по 41 гол. Со тимот на Висла играше во осмина-финалето на ЛШ. На тие дуели со ПИК Сегед постигна вкупно 7 гола. Најмногу постигна против фински Кокс (8) и против Адемар Леон (7).

Вардар во пресрет на новата сезона се засили со голманот Артурс Кугис, Сергеј Горпишин, Димитар Димитриоски, Павел Атман и тренерот Давид Писонеро. Договорите со клубот ги продолжија и Сташ Скубе и Калифа Гедбан.

Подготовките за новата сезона треба да почнат на 24 јули во Скопје.