Вардар е во финалето на Лигата на шампионите


Ракометарите на Вардар по втор пат во својата историја ќе играат во финалето на Лигата на шампионите. Вардарци вечерва во Келн ја победија Барселона со 29:27.

Противник на македонскиот шампион утре во финалето ќе биде Веспрем.

До големиот подвиг Вардар дојде по подобра игра во второто полувреме кое го доби со 20:11. Ретко кој очекуваше дека по водството на Каталонците на полувремото со седум голови разлика (16:9), дека македонскиот тим може да се врати, но така не мислеа избраниците на Роберто Парондо. Тие со неверојатен пресврт им приредија голема радост на своите навивачи во арената во Келн и воопшто секаде низ светот.

Голманот Дејан Милосављев со своите 15 одбрани во првото полувреме го одржуваше Вардар на едноцифрена негатива, а во второто продолжи во ист стил за голема сензационална победа.

Во нападот Кристопанс со 10, Карачиќ со пет гола и останатите беа многу порасположени во вторите 30 минути.

За деветкратниот европски шампион Барселона ова е втор пораз од Вардар во последните три години на „фајнал фор“ турнирите во елитната лига.