Варадкар: Евроинтеграцијата не е партиска, туку национална работа

Луѓето од регионот ќе имаат придобивки од членството во ЕУ како што имаше и Ирска, рече премиерот Варадкар за време на постетата на Скопје


Димитар Ковачевски и Лео Вардакар за време на пречекот пред Владата (Фото: Б. Грданоски)

 

Премиерот на Ирска, Лео Варадкар, порача денес од Скопје дека приклучувањето на ЕУ треба да биде национална амбиција, а не партиска или политичка  работа и дека тоа треба да се забрза. Премиерот Димитар Ковачевски возврати дека ако некоја земја се развила значајно по приемот во ЕУ, нема подобар пример за тоа од Ирска.

Тој притоа го посочи Варадкар како еден од најсилните поддржувачи на приемот на Македонија во ЕУ и еден од нашите најголеми пријател. За меѓусебната економска соработка рече дека не е  голема, но за почит ако се има во предвид оддалеченоста на двете земји, а Варадкар дополни дека таа изнесува 20 милиони евра, но има потенцијал да биде поголема. Тој беше почестен што е прв ирски премиер што доаѓа во ова својство во нашата држава, но новинарите што го следеа повеќе се интересираа за војната на Израел во Газа отколку за односите со Македонија. 

„Ако некоја земја се развила по влезот на ЕУ тоа е Ирска. Ирска е наш силен партнер и поддржувач на нашата европска интеграција. Денеска разговаравме со премиерот и за нашата интеграција и за напредокот на реформите и конкретно имплементирање на проекти и за нашите конкретни чекори кои ги преземаме. Процесот на реформи ќе продолжи и ќе финишира со зачленување во ЕУ. Токму Ирска најдобро разбира дека идентитетот и јазикот се две важни карактеристики на секој народ и Ирците многу добро знаат со какви предизвици се соочуваме, бидејќи и тие во други околности и во друго време поминаа низ еден таков сличен процес“, рече Ковачевски на заедничката прес-конференција во Владата.

Тој потсети дека токму за време на ирското претседателство со ЕУ во 2004 година ние ја поднесовме апликацијата за членство во ЕУ и оттогаш добиваме континуирана и гласна поддршка од Даблин.

„Сите алтернативи кои се нудат овде наспроти членството во Европската унија се утопии кои не можат да дадат ниту приближен резултат на она што го дава членството во Унијата. Дали ќе стигнеме до таа цел сега зависи само и единствено од нас. Останува последниот чекор, одлуката нема да е лесна, иако е техничка“, порача Ковачевски.

Варадкар рече дека неговата посета на Македонија, по Косово и Црна Гора, ја покажува интересот и посветеноста на Ирска да му помогне на регионот на патот кон ЕУ интеграција.

„Сметам дека приклучувањето во ЕУ е важно за регионалната безбедност на Балканот, но и за пошироката безбедност на Европа. Луѓето од регионот ќе имаат придобивки од членството во ЕУ како што имаше и Ирска. Секогаш го поддржуваме проширувањето на ЕУ и се радуваме да ја пречекаме Северна Македонија како идна членка. Се надевам дека напредокот во пристапните преговори ќе се забрза, бидејќи 10 години ни една земја не се приклучила кон ЕУ и сметам дека тоа треба да се промени. Подготвени сме да помогнеме онаму каде што можеме, особено во врска со реформите“, рече Варадкар.

Според негова оценка, политичката стабилност на Македонија е важна за Европа, а тие во Ирска го имаат искусено уништувањето што го носат конфликтите во заедницата, но и големите придобивки од мировните процеси. 

Запрашан како Македонија треба да се справува со корупцијата, Варадкар рече дека тоа не било тема на средбата, оценувајќи дека корупција има во секоја земја, дури и во Европската унија, но  дека она што е важно е да се гонат тие случаи за да се прати порака дека корупцијата нема да се исплати – нешто што тој нагласи дека се прави веќе во нашата земја и дека има многу отворени случаи. 

„Тоа е битка која нема да заврши кога ќе се приклучите во ЕУ, туку ќе се води постојано“, порача ирскиот премиер.

Околу тоа дали има простор за промена на преговарачката рамка за Македонија тој рече дека не сака да навлегува во детали за предлозите, бидејќи цел на неговата посета тука е  да ја искаже силната поддршка на Ирска за приклучувањето на Македонија во ЕУ, посакувајќи брзо да се случи и додавајќи дека верува – дека може брзо да се случи, во мандатот на новата Европска комисија. Тоа, според него, ќе бара многу работа овде и соработка и помош од Европската унија, но сметаше дека Брисел пратил силен сигнал до земјите во регионот дека реформите и напорите ќе се наградуваат и дека Македонија не е толку голема и нема да преставува товар за буџетот на ЕУ за да има отпор за нејзиното приклучување. 

Варадкар е во посета на Македонија како дел од дипломатската турнеја во трите земји кандидати за членство во ЕУ од регионот. Таа се совпадна со  триесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, при што беше потенцирано дека постои добро ниво на политички дијалог и покрај географската оддалеченост.

Двата премиери ја нагласија потребата од зајакнување на економската соработка, особено во областа на информатичката технологија, телекомуникациите, производството на органска храна, енергетиката и туризмот. Од Владата соопштија дека двата премиери оцениле дека иднината на  Македонија треба да се издигне над сите политички и идеолошки разлики и  сите политички чинители треба да бидат проактивни околу исполнувањето на целите кои се поставени на патот кон ЕУ. (С.Ј.)

Фото: Б.Грданоски