Ванковска: Незамисливо е да нема дебата на претседателските кандидати – идеите ги споделуваеме на пазар


На денешната средба со граѓани во Прилеп, pретседателскиот кандидат Билјана Ванковска ги кажа своите ставови за клучните прашања – се залага за нов устав, поништување на Договорот со Бугарија, ревидирање на Преспанскиот договор, излегување од НАТО и водење надворешна мултивекторска политика каде главно ќе биде економскиот интерес на Македонија.

-Не настапуваме со прашање дали Бугарите ќе бидат во Уставот, туку настапуваме со сосема нов устав, бидејќи овој продуцира нефункционилен политички и уставно-правен систем. Во план ни е раскинување на Договорот со Бугарија, а Преспанскиот договор, исто така, ќе биде предмет на преобмислување, односно на оспорување во периодот што следува.  Во петгодишен период ќе се случуваат многу болни и сериозни прашања. Она што мене ме дефинира како кандидат е постапката за излегување од НАТО, зашто, според мојата проценка, и како професор, и како човек во политичка функција, светот влегува во нова фаза на редефинирање на меѓународните односи, меѓународната безбедност и мислам дека на Македонија не и треба инвестирање во туѓи и империјални војни и, никако, ниту нашиот буџет, ниту нашите деца се за туѓи боишта, рече Ванковска.

Од Прилеп Ванковска порача и дека телевизиските куќи и противкандидатите избегнуваат директни соочувања. 

„Незамисливо за една демократија е да нема мастер-дебата на претседателските кандидати. Таа мастер дебата ние ја прифативме без никакви условувања, за разлика од некои од големите партии. Како професор по политички науки сум шокирана дека сосема е неизвесно дали ние седумина ќе се најдеме на едно место. А тоа е единствен начин да ги видат и слушнат ставовите на кандидатите. Ние сме принудени од пазари да испраќаме важни пораки за иднината на граѓаните. Тоа не доликува на една демократија. Медиумите бегаат и заобиколуваат. Големите „фаворити“ веќе се во фаворизирана положба. Се чини дека за медиумите како изборите да завршиле и само го чекаат вториот круг. Јас не се предавам, рече Билјана Ванковска.

Во Прилеп Ванковска беше придружувана од Сашко Јанчев, носител на листа во ИЕ4 и активистите на ЛО Прилеп од Левица.