Вангеловски прима плата иако е суспендиран


Жалбата на разрешениот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, која ја поднесе до Судскиот совет, сè уште не е стигната до Врховниот суд. Додека Вангеловски ја чека одлуката по неговата жалба, тој и другите судии што ги разреши Судскиот совет редовно си примаат плата.

„До правосилност на решението им се исплаќа плата на сите судии и претседатели. Решението е обжалено и допрва ќе се одлучува“, велат за „Независен“ од Врховниот суд.

Во септември, две години по поднесувањето на предлогот за разрешување на Вангеловски, членовите на Судскиот совет конечно собраа мнозинство и го разрешија претседателот на највисокиот суд, и од претседателската и од судиската функција.

Покрај Вангеловски, разрешена беше и судијката Рахилка Стојковска, а за судијата Ристо Катавеновски, за кого е одвоена постапката поради здравствени проблеми, ќе се одлучува дополнително. Двајцата судии беа разрешени бидејќи со нивните гласови беше донесена одлука да биде ослободен од притвор бизнисменот Сеад Кочан, осомничен во случајот на СЈО, „Труст“, кој тогаш беше во бегство.

Според процедурата, Вангеловски поднесе жалба на решението до Судскиот совет. За неговата жалба треба да одлучува Советот за одлучување по жалбите на Судскиот совет во Врховниот суд во кој членуваат девет судии.

Тројца судии ќе бидат избрани од Врховниот суд, а по еден судија со ждрепка ќе биде избран од четирите апелациски подрачја во земјава (Скопје, Битола, Штип и Гостивар) во кои припаѓаат по неколку основни суда од градовите. Бројката на врховни судии се зголемува со тоа што уште двајца судии се избираат од судот каде што работел разрешениот судија, односно од Врховниот суд. Со тоа, за жалбата на Вангеловски ќе одлучуваат петмина врховни судии и четворица судии кои ќе бидат избрани по пат на ждрепка.

Барањето беше поднесено поради одлуката на Кривичниот совет при Врховниот суд составен од пет судии да го пушти од притвор бизнисменот Сеад Кочан, кој тогаш беше во бегство. По одлуката на Врховниот суд, Кочан се врати во Македонија, а сега веќе е на отслужување на затворската казна за предметот „Труст“. Предлогот за утврдување на одговорноста на Вангеловски беше поднесен за време на мандатот на претходниот претседател на Советот, Зоран Караџовски, но тој оваа точка не ја стави на дневен ред.

Вангеловски дојде на судското место од адвокатските кругови, а според неговиот анкетен лист тој е еден од најбогатите судии во земјата. (Ф.Ф.С.)