Ванг: Кина прва го пријавила вирусот, но каде прво се појави
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји изјави дека Кина е првата земја што пријавила појава на коронавирусот во Светската здравствена организација, но тоа не значи дека вирусот потекнува од Кина.
– Во претходните месеци видовме извештаи кои покажуваат дека вирусот се појавил во различни делови на светот, а можеби тоа било дури и пред да се појави во Кина, изјави Ванг вчера пред новинарите во Осло.
Првиот случај на коронавирусот го пријавија здравствените власти во Вухан во декември, а првиот смртен случај поврзан со вирусот се случи во јануари.
– Каде почна вирусот и како почна, треба да им се остави на научниците и здравствените работници. Прашањето не треба да се политизира или стигматизира, рече Ванг, очигледно алудирајќи на американскиот претседател Доналд Трамп, кој коронавирусот го нарече „кинески вирус“.
– Кој е нулта пациентот? Сè уште не е познато, нагласи Ванг.