Кривична за Ване Цветанов и Дунавка – нанеле штета на буџетот од илјадници евра


Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција денеска поднесе кривична пријава против В.Ц. (44) од Кочани, поради постоење на основано сомнение дека од позиција на в.д. претседател на тело основано од Владата, во периодот од 2021 до 15 март годинава сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 став 5 во врска со член 45 „продолжено кривично дело“, предвидено и казниво во Кривичниот законик.

Лицето за себе и за други лица, на штета на Буџетот на телото прибавил противправна имотна корист во вкупен износ од 4.656.876 денари (75.722 евра).

Како што се наведува во соопштението од МВР, пријавениот, како лице именувано од Владата на споменатата позиција за периодот од 24.07.2019 до 15.03.2022 година, ги сторил кривичните дела искористувајќи ја својата службена положба и пречекорувајќи ги границите на своите службени овластувања, при што постапил спротивно на одредбите од Законот за јавни набавки, Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, Статутот на телото, Законот за ревизија, како и спротивно на Законот за трансформација во редовен работен однос.

Имено, во текот на 2021, спротивно на одредбите на Законот за јавни набавки пријавениот, без да спроведе постапка за јавни набавки која бил должен да ја спроведе, од неколку економски оператори набавил стоки и услуги во вкупен износ од  2.272.684 денари (36.954 евра), набавки кои го надминуваат законски дозволениот износ од 12.000 евра во тековната година за набавки на стоки без спроведена постапка, додека во текот на 2022 продолжил со дејствијата и извршил набавка на стоки и услуги од неколку економски оператори во вкупен износ од 430.515 денари (7.000 евра), за кои постои основано сомнение дека нема реална оправданост за нивна набавка за потребите на телото.

Исто така, според МВР, тој ги пречекорил границите на своето службено овластување, постапувајќи спротивно на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, спротивно на Статутот на телото и спротивно на Законот за ревизија, па без претходна Одлука за потреба од ангажирање на надворешно лице донесена од страна на Советот на телото, последователно склучил три Договори за ангажирање на надворешен советник за специјални цели во телото со Д.Т., која била негова невенчана сопруга, без предвиден надоместок за ангажираното лице. Притоа овие договори биле искористени и како основa за заеднички службени патувања во странство, за што по основ на дневници за службени патувања и патни и дневни трошоци, од сметката на телото неосновано и противправно биле исплатени парични средства во вкупен износ од 93.800 ден. (1.525 евра).

На истиот начин, без претходна Одлука за ангажирање на надворешни лица за потребите на телото, спротивно на Законот за ревизија, Статутот на телото и Закон за трансформација во редовен работен однос, пријавениот склучил уште 18 договори за ангажирање на надворешни лица по разни основи, за услуги за кои согласно Правилникот за систематизација на работни места и Листата на вработени во стручната служба на телото, веќе биле вработени таков профил на кадри. Поради ваквите дејствија на пријавениот, од средствата на телото непотребно и неосновано биле исплатени парични средства во вкупен износ од 1.803.237 ден. (29.321 евро).

Дополнително, пријавениот, постапувајќи спротивно на Статутот на телото и спротивно на Законот за ревизија, без претходно донесена Одлука на одржана седница на телото, набавил апликативен софтвер од правно лице иако веќе  имало  склучено Договор со друг правен субјект кој договор бил во важност, од кој  претходно биле набавени апликативни и софтверски решенија за потребите на телото. Со ваквото пречекорување на границите на своите службени овластувања пријавениот дополнително нанел штета на средствата во сопственост на телото во вкупен износ од 56.640 денари (921 евра).

Со наведените инкриминирачки дејствија, пријавениот постапувал надвор од границите на своите службени овластувања со што го сторил кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ предвидено и казниво по член 353 став 5 во врска со член 45 од Кривичниот законик и со тоа овозможил за себе и за други  лица, на штета на Буџетот на телото, де се стекнат со противправна имотна корист од вкупно 4.656.876 денари (75.722 евра).