Вандализирана македонската амбасада во Софија

Таблата била симната бидејќи на неа пишувало „амбасада“, а не „посолство" , како што се именуваат во Бугарија дипломатските претставништва


Поддржувачите или подобро платениците на Фондацијата Македонија на Виктор Стојанов денес ја вандализирале амбасадата на Македонија во Софија. Според она што го објави фондацијата на својот фејсбук профил, од вратата на амбасадата, што очигледно никој не ја чува иако беа најавени протести, е симната официјалната табла со името на државата. Ако веста ја потврди и нашето МНР, ова е сериозен дипломатски скандал за кој треба да се информира Брисел и да се упати нота до бугарското МНР кое е должно да обезбеди почитување на правилата за дипломатските претставништва. 

Според она што е објавено,  таблата била симната бидејќи на неа пишувало „амбасада“, а не „посолство” , како што се именуваат во Бугарија дипломатските претставништва.

-Знакот со неточен натпис на амбасадата на РСМ во Софија, каде што пишуваше „амбасада“ наместо „”посолство”, веќе е отстранет и ќе биде поставен нов знак, на кој ќе пишува: „Посолство на Република Северна Македонија“, како што  треба да биде! Целото самоволие на режимот на Мицкоски ќе биде запрено! – стои во објавата на фондацијата Македонија.

Уште повеќе, како што се гледа од фотографиите, на вратата на амбасадата и пред зградата каде што се наоѓа се лепени и повици за протест иако формално таа е екстериторијална и вакви упади не се дозволени.  Од бугарското МНР засега нема реакција, што е разбирливо бидејќи институциите во оваа држава ги потхрануваа протестите.    

Ова е најдрска провокација досега од Виктор Стојанов, човек платен да работи за бугаризација на нашата држава и да шири непријателство меѓу двата народа.   

Инаку, најава за протестите на кои едвај се собраа триесетина луѓе, главно од фондацијата, новинари и сниматели, имаше во супермаркети, на бандери, во бутици, продавници, на рекламни паноа, автобуски станици ….(С.Ј.)