Вандализирана бистата на Никола Вапцаров во Скопје


Непосредно пред отворањето на македонскиот клуб “Никола Вапцаров” во Бугарија, бистата на социјалистичкиот поет е вандализирана во Градскиот парк во Скопје, објави вечерва партијата Левица. 

-Пробугарските СДС експедитивно реагираа за опожарувањето на фашистичкиот клуб “Ванчо Михајлов” во Битола, но кога станува збор за сочувување на македонската антифашистичка историја, тие по автоматизам се приклонуваат кон системското тридецениско руинирање на АСНОМ-ските темели на Републиката.

Левица, како единствена антифашистичка партија во Собранието, со своја делегација ќе присуствува на отворањето на македонскиот клуб “Никола Вапцаров” (во Бугарија), испраќајќи јасна порака врз кои историски личности треба да се гради соработката помеѓу балканските народи, стои во соопштението на Левица.

Инаку, денес, по повод 23-ти октомври, бугарскиот финансиер на клубовите „Иван Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид, Милен Врабевски, донирал пакети со храна на семејства од Битола и Охрид. Веста ја објавија и двата клуба, а споделија и фотографии од пакетите со прехрамбени производи кои им биле поделени на битолчани и охриѓани.

Врабевски, кој е на чело на неговата Фондација ,,Бугарска меморија” исто така деновиве организирал и семинар за обука на тинејџери од Македонија и Бугарија, на тема „Откривање на силата во единството и заедничките вредности со примена на методите на учење базирано на проблем и на вредности“.