„Ван Хол“ го сели целото производство на автобуси од Белгија во Македонија

Компанија ќе отпушти 1.100 лица во наредните три години од фабриката во Белгија. Производството на луксузни автобуси ќе биде во фабриката во Скопје


Автобуси на „Ван Хол“

 

Белгиската компанија „Ван Хол“ ќе го запре производството на градски автобуси и ќе се преориентира само на автобуси за превоз на патници и приколки. Компанијата има потреба да се реструктуира поради промената на условите на пазарот.

Во тоа преструктуирање 1.100 вработени од фабриката на „Ван Хол“ во Белгија ќе бидат отпуштени во наредните три години, до 2027, а производството на автобуси ќе се префрли речиси целосно во фабриката во Македонија, крај Скопје. Една од важните причини е што платата на вработените во овдешната фабрика на „Ван Хол“ е за околу три пати помала од онаа на белгиските работници.

Оваа вест ја објавија повеќе белгиски медиуми и специјализираните веб страници за автобуски превози и производство на автобуси. Во соопштението за печатот „Ван Хол“ ја објави „својата намера стратешки да ги рефокусира своите активности кон пазарните сегменти каде што клиентите свесно го избираат високиот квалитет на производите на ‘Ван Хол’“.

За познавачите на овој сегмент од превозот во Европа ваквата одлука изгледа чудна затоа што „Ван Хол“ неодамна лансираше нова платформа за градски автобуси со нулта емисија (серија А) и доби важен договор за трамбуси во Париз.

Од компанијата велат дека нема целосно да престанат со производство на автобуси за градски превоз, туку дека ќе бидат поселективни при нарачките. Главната фабрика на „Ван Хол“ во Конингшоикт во Белгија ќе се фокусира на полуприколки кои бараат повисок степен на експертиза и нудат поголема додадена вредност за купувачот, а таму ќе остане и центарот за знаење, истражување и развој.

Фабриката на „Ван Хол“ во Скопје

Наводно, 31 март е поставен како краен рок за преструктуирањето но за тоа се потребни 45 милиони евра. Новото раководство на компанијата помошта ја гледа во фламанската влада на регионот и банките. Без договор до 31 март може да се случи „Ван Хол“ да поднесе поднесе барање за стечај.

Банките и фламанската влада би сакале да имаат индустриски партнер во „Ван Хол“. Фламанската влада, како што објавија медиумите, би можела да учествува во „Ван Хол“ само доколку дојде надворешен партнер.

Причина за кризата во „Ван Хол“, наводно, е конкуренцијата од азиските групи или големи европски автомобилски групи.

„’Ван Хол’ не стигнува до доволно евтини делови како што се батериите за да биде конкурентен. Како резултат на тоа, загуби голем договор во јавниот превозник во Фландрија, иако беше за 20 отсто поевтин од сите други европски производители на автобуси кои се натпреваруваа за тендерот “, пишува PVMagazine.

„Ван Хол“ сега би сакал да се фокусира на производството на луксузни автобуси. Тоа е пазар каде што има помала конкуренција и кинеските компании не се насочуваат веднаш.

Производството на тие автобуси, кои моментално сè уште се произведуваат во фабриката во Белгија, ќе се пресели главно или целосно во Македонија. Овде „Ван Хол“ долго го произведуваше ЕХ асортиманот на автобуси и модели за пазарот на Северна Америка. А произведува и градски автобуси. Така, кога ќе престане да прави градски автобуси, таму ќе ослободи капацитет за правење други автобуси.

Инаку, компанијата е присутна во Македонија повеќе од една деценија. Како што стои и на официјалната интернет страница на „Ван Хол“ во земјава, во јули 2012 година беше поставен камен-темелник кој го означи почетокот на изградбата на фабриката во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 2 во Бунарџик. Првиот произведен автобус ја напушти фабриката на 15 октомври 2013 година, со што „Ван Хол“ ја врати традицијата на автобуската индустрија во земјата.

Денес, повеќе од 1.300 вработени работат во фабриката со површина од 78.000 метри квадратни, произведувајќи автобуси со почитување на строгите стандарди и критериуми на европските и северноамериканските пазари. „Ван Хол“ е партнер и на повеќе од 20 домашни фирми, а во повеќето од нив самата компанија има вложено во нивното знаење со цел да им помогне да станат добавувачи на врвна светски позната компанија, се вели на нивната интернет страница.

Компанијата има богата историја. Фирмата започна со работа во 1947 година и е познат бренд во индустријата како независен производител. Од „Ван Хол“ се фалат и со иновациите – биле прв производител на градски автобуси со низок под, потоа со придонесот што водородниот автобус стана употреблив, и со нивниот TDX25E автобус, кој е првиот двокатен патнички автобус во светот со електрична батерија.

Нивната подружница во Македонија и во моментов има отворени работни позиции, кои се достапни преку нивната официјална Фејсбук страница. (Н.В.)