Валверде: Ливерпул може да нè елиминира


Тренерот на Барселона, Ернесто Валверде, разговараше со медиумите пред реваншот од полуфиналето во Лигата на Шампионите. На првиот меч, Каталонците остварија домашна победа со 3:0 и во голема мера го обезбедија своето учество во финалето на турнирот.

– Резултатот нема да ни влијае. Треба да играме на ниво и во реваншот, како што го направивме тоа во првата средба. Секоја декоцентрација може да ни донесе големи грешки. Ќе биде тешко, бидејќи стадионот таму го мотивира многу Ливерпул, изјави Валверде.

Тој не се возбудува многу дека неговиот тим е на три натпревари од освојување на три титули.

– Не знам како да се чувствувам. Да можеби влијае, но јас лично сум рамнодушен. Подобро е да размислуваме за реваншот отколку да зборуваме за три титули. Ни претстои да се сретнеме со еден голем ривал. Можно е Ливерпул да нè елиминира. Ништо не се знае. Тие се многу силни и досега загубија само еден натпревар во Премиер лигата, додаде тренерот на „лос кулес“.