Валентина Божиновска дојде кај Османи, се сликаше и се повлече од Стратешкиот совет


Валентина Божиновска за време на днешната прес-конференција на министерот Бујар Османи

Откако во јавноста се појавија остри реакции, па дури и непримерни напади на социјалните мрежи, Валентина Божиновска, која за време на владата на ВМРО-ДПМНЕ беше директорка на Комисијата за односи со верските заедници, се повлече од Стратешкиот совет што го формираше министерот за надворешни работи Бујар Османи. Божиновска, која прво беше верен следбеник на Љупчо Георгиевски во ВМРО-Народна, а потоа се префрли кај Грувески, остана во сеќавањето најмногу по протестите пред Државната изборна комисија по изборите во декември 2016 кога држеше говори за „долгите ножеви“.

Големи реакции има и за ставањето на Срѓан Керим во овој список на „стратешки мислители“. Керим, кој беше министер за надворешни работи, а потоа и претседател на Генерланото собрание на ОН, има силен негативен одиум во јавноста не само поради аферата со парите во пластичното шише, туку и поради матните постапки со кој како главен човек во медиумската група МПМ преку ноќ ги затвори трите најважни весници во тоа време, „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“. Поранешното СЈО покрена истрага за неговото учество во испумпувањето пари од МПМ.

Валентина Божиновска денеска беше на прес-конференцијата што ја организираше Османи најавувајќи го формирањето Стратешкиот совет за надворешна политка во рамките на агендата наречена „Рефлексија 2030“, а потоа, како што јави „А1он“, му испратила писмо на Османи дека не може да биде дел од тимот поради здравствени причини. Но ја остава вратат за идна соработка.

„Почитуван министер, Ви благодарам за поканата и за Вашата идеја, која е брилијантна и во оваа прилика ја поздравувам, но заради моите ограничени активности од здравствени причини, не можам да прдоинесам во овие мигови, но се надевам на наша идна соработка бидејќи сум убедена дека сите заедно треба да ги подадеме рацете кон проектот за европска држава“, вели Божиновска.

Таа образложува дека задачата на Стратешкиот совет на МНР била да изработи стратешки 10-годишен документ за надворешна политика на државата и дека „идејата за помирување е една од најсуштествените точки за иднината на државата особено за прашања кои што ја засегаат надворешната позиционираност на земјата и кои се од интерес на сите граѓани“.