Вал: Реформите никаде во светот не се безболен процес, потребно е политичко единство за нивно завршување

Политичко единство, жар, одлучност и цврстина се потребни за завршување на реформските процеси во Северна Македонија, порача во интервју за МИА новиот шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килиан Вал.
Амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ истакна дека изминатите години Северна Македонија остварила значаен напредок кон постигнување на своите национални стратешки цели. Тој со забелешка дека никаде во светот реформите не се безболен процес, не само во Северна Македонија, а политичарите се во искушение да капитализираат од ова и да постигнат поени.
-Ова исто така не е уникатно за Северна Македонија. Треба да ја прошириме перспективата, да ги погледнеме и зграпчиме можностите кои се пред нас. Нашата Мисија има богата експертиза да ги поддржи напорите на државата да создаде политики од корист за граѓаните на Северна Македонија и да ги гради капацитетите на државните институции и групите од граѓанското општество да спроведуваат такви политики. Со нетрпение очекувам да работам тесно со лидерите од целиот политички спектар со цел да се постигне политичкиот консензус потребен за нашите напори да имаат максимално позитивно влијание, нагласува Вал.
Првата и најстара теренска операција на ОБСЕ, Мисијата во Скопје, оваа година одбележува 30 години од присуството во Северна Македонија, а интервјуто со Вал го правевме во пресрет на завршниот настан од тримесечната кампања по повод 30-годишнината „Заедно сме важни“, кој се одржува денеска.
Прашан во врска со пораката на германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер, дадена за време на неговата посета на земјава дека за патот кон ЕУ вреди и следниот тежок чекор, а тоа се уставните измени, како и во однос на тоа колку е реално членството во Унијата до 2030 година Вал со одговор дека е можно, но е врзано со спроведените реформи.
-Ги помагаме реформските напори на Северна Македонија во областите кои ги истакнав претходно. Уште од основањето на мисијата пред 30 години ја поддржавме државата да постигне доста, но преостанува уште работа. Под мое водство, нашата Мисија уште повеќе ќе се ангажира со нашите партнери и крајни корисници со цел да помогнеме на Северна Македонија да ги постигне своите стратешки цели. Дали Северна Македонија може да се стане дел од ЕУ во 2030? Апсолутно. Потребни се жар, одлучност и цврстина за да се завршат потребните реформски процеси. И политичко единство, нагласува Вал во интервјуто за МИА.
За престојното претседавање, следната година, на Северна Македонија со ОБСЕ, Вал нагласува дека тоа е голем чекор и додава дека фактот што Северна Македонија од корисник на меѓународна поддршка стигнала до водење на најголемата регионална безбедносна организација во светот покажува колку далеку стигнала земјата од осамостојувањето.
Во интервјуто за МИА, Вал се осврна и на актуелниот предлог за бришење на член 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и за активностите на Мисијата во насока на отворање дискусија за дефинирање на статусот на МИА со цел подобрување на нејзината функционална независност и долгорочната одржливост.
Во интервјуто говори и за приоритетите на Мисијата во текот на неговиот мандат, за работата на ОБСЕ во Украина, за можноста кризата да се прелее во регионот…
Килиан Вал, како што се наведува во биографијата на веб страницата на Мисијата е истакнат експерт за превенција и управување со кризи со богато искуство во олеснување на дијалогот, реформи во безбедносниот сектор и градење институции со посебен акцент на Југоисточна Европа. Пред да ја преземе функцијата шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје во ноември 2022 година бил заменик-шеф на Мисијата на ОБСЕ во Косово. Вал бил дел и од техничкиот преговарачки тим на дијалогот меѓу Белград и Приштина, посредуван од ЕУ, а како што се наведува во неговата биографија, имал и успешна кариера како новинар, вклучително и како водител на најпопуларното германско ТВ-шоу.
Во продолжение следува целото интервју со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килиан Вал:
Неодамна ја презедовте позицијата шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Веќе одржавте состаноци со највисоките функционери кои Ве брифираа за случувањата во државата, предизвиците, проблемите. Кои се Вашите први впечатоци за ситуацијата во Северна Македонија и можностите за Мисијата на ОБСЕ понатаму да развива и да ги спроведува планираните активности?
– Пред да го започнам мојот мандат минатиот месец, јас бев чест посетител во Вашата држава. За мене, враќањето во Северна Македонија и Скопје беше пријатно и познато и се радувам на периодот што ми претстои овде.
За време на моите првични состаноци повеќе слушав отколку што зборував, бидејќи сакам да научам како нашите партнери гледаат на ситуацијата во државата и како тие ја оценуваат работата на Мисијата. Врз основа на тоа што го чув на овие состаноци, моите први впечатоци се дека Мисијата на ОБСЕ во Скопје стои многу добро со сите наши партнери од државните институции. Ова е доказ за релевантноста и важноста на Мисијата, а тоа нѐ прави уште поодлучни да продолжиме да работиме со нашите партнери во области каде што тие бараат поддршка. За време на мојот прв состанок, со министерот за надворешни работи Османи, се заложив дека Мисијата ќе ја поддржи земјата во претстојното претседавање со ОБСЕ на секој можен начин. Ова е голем потфат, но фактот што Северна Македонија од корисник на меѓународна поддршка стигна до водење на најголемата регионална безбедносна организација во светот покажува колку далеку стигнала Вашата држава од осамостојувањето.
Кои се приоритетните активности на Мисијата на ОБСЕ за наредната година?
– Сѐ уште ги планираме нашите активности за наредната година, но можам да Ви кажам за клучните области во кои ќе работиме. Од гледна точка на безбедноста, ќе се фокусираме на поддршка на развојот на демократско полициско работење, ќе се работи на подобрување на начинот на кој полицијата комуницира со јавноста и на подобрување на професионализмот на полицијата за борба против модерниот криминал, вклучувајќи ги транснационалните закани како кибер-криминал, насилен екстремизам и недозволена трговија со луѓе, оружје или друга контрабанда.
Ќе продолжиме и да ги поддржуваме подобрувањата во областа на владеењето на правото, каде што довербата на јавноста во судскиот систем е екстремно ниска. Мисијата ќе набљудува судења, вклучително случаи на корупција на високо ниво и ќе ги поддржува напорите за спроведување на клучните реформи со цел правосудниот систем да стане поправичен, непристрасен, родово сензитивен, делотворен, отчетен и транспарентен.
Поддршката за антикорупциските мерки ќе биде висок приоритет за нас, а ќе работиме и да го подобриме демократското владеење и слободата на медиумите.
Исто така ќе работиме доста за да ги поддржиме подобрувањата во способноста на граѓаните да ги уживаат нивните основни човекови права и слободи. На пример, ќе продолжиме да работиме во партнерство со државните и невладините партнери во борбата против дискриминацијата, криминалот од омраза, насилството врз жените, семејното насилство и да ја унапредиме родовата еднаквост.
Сѐ на сѐ, имаме широк спектар на активности, сите од нив создадени да помогнат да се адресираат важните прашања за луѓето во Северна Македонија.
Медиумите е една од сферите во која Мисијата на ОБСЕ е активна. Доаѓате на чело на Мисијата во момент кога е актуелно прашањето за измени во Законот за аудио и аудивизуелни медиумски услуги, измена која предвидува одвојување на средства од буџетот за финансирање кампањи од јавен интерес. Реакции има од фелата, еснафските здруженија, дека со ова на голема врата се враќа политичкиото влијание во уредувачката политика. Каков е ставот на Мисијата по ова прашање?
– Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите го дискутираше ова прашање за време на нејзината посета во Скопје годинава. ОБСЕ верува дека примарниот канал за владина комуникација со јавноста треба да биде преку јавните медиуми, како што е јавниот радиодифузер. Во секој случај, владиното рекламирање за кампањи од јавен интерес во приватните медиуми може да се погрижи јавноста да е добро информирана и во исто време да се подобри финансиската одржливост на медиумите. За да се стори тоа, и да се намали ризикот од злоупотреба на јавни средства и заробување на медиумите, особено е важно законот и практиката да се транспарентни, недискриминирачки и правични. Бидејќи ова прашање е многу важно и бидејќи носи и потенцијални поволности и ризици, особено е важно релевантниот закон да се развие на инклузивен и транспарентен начин преку отворен и конструктивен дијалог со медиумите и другите релевантни засегнати страни. Ова ќе помогне да се создаде доверба кај јавноста и доверба во евентуалниот закон. Доколку властите овде сакаат, канцеларијата на Претставничката за слобода на медиумите е подготвена да ја анализира усогласеноста на нацрт-законот со релевантните заложби на ОБСЕ како и со меѓународните стандарди во полето на слобода на медиумите.
Според информациите што го имам една од активностите на Мисијата во 2023 ќе биде да се дефинира статусот на државната новинска агенција МИА, која е под јурисдикција на Владата и нејзиното финансирање зависи од извршната власт. Слободното новинарство во МИА е факт, но доколку не се реши статусот на агенцијата, оваа слобода ќе зависи од секоја следна влада. Кои активности ги имате во оваа насока? Исто така, кое е Вашето мислење во однос на механизмите за финансирање на државни новински агенции кои ја предводат борбата против лажните вести?
– Јавните медиуми, заедно со подобрена институционална транспарентност, се клучни во добрата информираност на луѓето и справувањето со дезинформациите. За да се постигне ова, јавните медиуми мора да се финансиски стабилни, слободни и заштитени од произволни владини одлуки и политички притисок со цел да ја одржува уредувачката независност. Оваа тема ми е доста блиска бидејќи порано бев новинар во јавниот радиодифузер во Германија.
МИА е примарниот извор на вести во државава со тоа што онлајн и локалните медиуми особено се потпираат на нејзиното известување за националните и меѓународните прашања. Минатиот декември, Државната комисија за спречување корупција препорача статусот на МИА да се регулира преку посебен закон. ДКСК и Здружението на новинари веруваат дека оперативната структура на МИА треба да се реформира со цел да се зголеми нејзината институционална независност и одржливост.
Согласно овие сугестии, следната година нашата Мисија ќе се состане со голем број засегнати страни за да дискутира како да се подобри функционалната независност на МИА и долгорочната одржливост со цел да се изготви извештај за проценка кој ќе вклучи финален сет од препораки.
Во Вашата биографија е наведено дека сте експерт за превенција и управување со кризи, добар познавач на приликите во Југоисточна Европа. Вашиот претходник амбасадорот Клеменс Која во интервјуто што го даде за МИА на завршувањето од неговиот мандат посочи дека во македонското општество останува висока политичката поларизација. Таа поларизација доведува до блокади во напредокот на земјата во сите сфери, што предизвикува внатрешни мини кризи. Како Вие како експерт оваа област ќе дадете својот придонес?
– Се надевам може да придонесам со тоа што ќе сум искрен брокер помеѓу сите фактори во општеството, партнер од доверба ако сакате. Јас сум гостин во оваа прекрасна земја, па така мојата улога не е да проповедам и беседам но да се ангажирам во дијалог. Ова опфаќа признание за успесите како и критичко осврнување онаму каде што недостасува напредок со цел да се најдат решенија.
Во последните неколку години, државата оствари значаен напредок кон постигнување на своите национални стратешки цели. Никаде во светот реформите не се безболен процес, не само во Северна Македонија. Политичарите се во искушение да капитализираат од ова и да постигнат поени. Ова исто така не е уникатно за Северна Македонија. Треба да ја прошириме перспективата, да ги погледнеме и зграпчиме можностите кои се пред нас. Нашата Мисија има богата експертиза да ги поддржи напорите на државата да создаде политики од корист за граѓаните на Северна Македонија и да ги гради капацитетите на државните институции и групите од граѓанското општество да спроведуваат такви политики. Со нетрпение очекувам да работам тесно со лидерите од целиот политички спектар со цел да се постигне политичкиот консензус потребен за нашите напори да имаат максимално позитивно влијание.
Кога сме кај кризите регионално, во Косово бевте политички советник за дијалогот посредуван од ЕУ во рамки на Европската служба за надворешни работи. Како ги коментирате последните случувања на реалција Белград-Приштина, последните превирања беа поради регистерските таблички, беше постигнат договор, но српскиот претседател Вучиќ неодамна изјави дека не е заинтересиран за меѓусебно признавање со Косово?
– Сега откако се преселив во Скопје, мојот фокус е ставен на случувањата овде и на тоа како надворешните случувања влијаат на ситуацијата овде. Задоволство ми е што неодамнешниот договор, кој е доказ дека дијалогот потпомогнат од ЕУ, функционира и дава конкретни резултати од корист за луѓето. Ги намали тензиите, а тоа е добро за целиот регион, вклучително и Северна Македонија.
Кризата е и поширока, европска, во Украина се води војна, проблематизирано е работењето на Мисијата на ОБСЕ од стана на Русија во оваа европска земја, како функционира во моментов ОБСЕ во Украина?
– Претходно годинава, Специјалната набљудувачка Мисија на ОБСЕ во Украина и Канцеларијата на проектниот координатор на ОБСЕ се затворија бидејќи земјите-учеснички не постигнаа консензус за продолжување на нивните мандати, поради позицијата на Руската Федерација. Имајќи го тоа предвид, на 3 август, претседавачот со ОБСЕ Рау и Генералната секретарка Шмид објавија нова програма која ќе започне со спроведување приближно 25 проекти кои ќе бидат од корист за луѓето во Украина. Во септември, кога министерот Османи ги презентираше приоритетите на Северна Македонија за нејзиното претседавање со ОБСЕ истакна дека „… војната ги подрива темелите на ОБСЕ. Таа се коси со принципите на кои се согласивме и што ги вреднуваме“. Тогаш и повторно на Министерскиот совет на ОБСЕ во Лоџ, Полска, министерот истакна дека Украина ќе биде врвен приоритет во претседателството следната година.
Неизвесноста е присутна, војната продолжува. Колку е реално прелевањето на кризата на Западен Балкан, имајќи ги предвид нерешените прашања во регионот – ситуацијата во Босна и Херцеговина, спорот меѓу Косово и Србија, спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија и колку тие се користат во геополитичка смисла во распоредот на силите меѓу Западот и Русија?
– Многу внимателно ја набљудуваме ситуацијата – заедно со сите наши сестрински мисии во регионот. Во овој момент, забележуваме негативни случувања примарно во економската и енергетската димензија, каде високите нивоа на инфлација и посебно високите цени на енергијата влијаат на стандардот на живеење на многу луѓе и предизвикаа големи тешкотии. Ова може да влијае на безбедносната ситуација доколку трендот продолжи, но не гледам шанса за тоа во моментот. Но, во секој случај, сѐ поважно е во овие тековни околности земјите од регионот да ги зголемат напорите за решавање на нерешените прашања за кои зборувате, како внатре во секоја држава така и меѓу нив.
Северна Македонија ќе претседава со ОБСЕ во 2023, преземајќи го претседавањето среде исклучително деликатни геополитички случувања. Што треба, според Вас, да биде во фокусот на претседавањето?
– Министерот за надворешни работи и идниот претседавач Османи веќе ги изведе приоритетите на државата за годината како претседавач. Тие се прецизни и нема што да се додаде од моја страна. Како што веќе споменав, за време на мојот прв состанок со министерот, се заложив дека нашата Мисија ќе стори сѐ што може да го поддржи успехот на претседавањето на Северна Македонија.
Во посета на Северна Македонија мината недела беше германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер, ни порача дека за патот кон ЕУ вреди и следниот тежок чекор, а тоа се уставните измени. И доколку ги решиме внатрешните несогласувања и се направат тие уставни измени, колку е реално Северна Македонија до 2030 година да стане членка на ЕУ, имајќи ги предвид геополитичките случувања?
– Имаме јасно одреден мандат како Мисија на ОБСЕ во Скопје. Една од главните улоги на Мисијата е да се поддржи државата да ги исполни заложбите на ОБСЕ. Ги помагаме реформските напори на Северна Македонија во областите кои ги истакнав претходно. Уште од основањето на мисијата пред 30 години ја поддржавме државата да постигне доста, но преостанува уште работа. Под мое водство, нашата Мисија уште повеќе ќе се ангажира со нашите партнери и крајни корисници со цел да помогнеме на Северна Македонија да ги постигне своите стратешки цели. Дали Северна Македонија може да се стане дел од ЕУ во 2030? Апсолутно. Потребни се жар, одлучност и цврстина за да се завршат потребните реформски процеси. И политичко единство.
Северна Македонија е во процес на билатерален скрининг со ЕУ, на 30 почна скринингот за Поглавјето 23. Изминатиот период имавме оставка на претседателка на Судски совет, проблематизиран избор на прв човек на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, 8 отсто доверба во судството. Какви активности е планирано да преземе Мисијата на ОБСЕ за поддршка на реформите на правосудниот систем?
– Судство кое е независно, непристрасно и кое добро функционира е клучно за секое демократско општество. Имајќи го тоа предвид, нашата Мисија напорно работи да ја поддржи реформата на правосудниот сектор. Помагаме да се создадат нови нацрт-верзии на Кривичниот законик и Законот за кривична постапка со цел да се вклучат најдобрите меѓународни практики кои подобро ќе ги штитат правата на граѓаните.
Секако, сите знаеме дека создавањето добри закони не е доволно. Тие треба добро да се спроведуваат. Ги поддржуваме националните напори да се подобри обуката за судии и други професионалци од областа на правото за подобро да делат правда за граѓаните на Северна Македонија. Неодамна започнавме со поддршка на дигитализација во судството, со што судството ќе биде потранспарентно и ќе може да обезбедува побрзи судски услуги. Сигурен сум дека многу од Вашите читатели веќе знаат за работата на
Мисијата во однос на набљудувањето судења во случаи од национална важност. Она што можеби не го знаат е дека врз основа на оваа работа подготвивме неколку извештаи со препораки за подобрување на судската пракса кои водеа до конкретни подобрувања, вклучително во квалитетот на вкрстеното испрашување сведоци и изведувањето докази пред судот од страна на обвинителството.
Мисијата е активна во сферата на родовата еднаквност и зајакнувањето на жените. Интервјуто го правиме во 16-те дена активизам за борба против родово базирано насилство. Како Мисијата придонесува овие 16 дена, но и како ќе придонесе останатите денови од годината?
– Покрај поддршката за кампањата за 16 дена активизам, ние спроведуваме и бројни активности во борбата против родово базираното насилство во Северна Македонија.
Една област во којашто работиме е борбата против родово базираното насилство онлајн. Технолошкиот напредок им овозможи на сторителите на насилство врз жените да ги извршуваат своите злодела од далечина, како случајот со „Јавна соба“, во кој само двајца од илјадниците вмешани мажи беа изведени пред суд. Ние застапуваме за брзо усвојување на измените на Кривичниот законик со кои за првпат ќе се дефинира родово базираното насилство како насилство врз жените поради нивниот род. Доколку се усвојат амандманите, на државава ќе ѝ се поплочи патот за адресирање на родово базираното насилство според меѓународните стандарди.
Мисијата со години работи со Министерството на внатрешни работи со цел да го зајакне одговорот на полицијата при инциденти на родово базирано насилство. На пример, годинава ја поддржавме специјалистичката обука за полицијата за грижа за жртви, грижејќи се за правата на жртвите и применувајќи пристап насочен кон жртвите во истрагата и собирањето докази во случаи на родово базирано насилство. Мисијата исто така создаде и Потсетник за постапување на полициските службеници во случаи на родово базирано насилство врз жени и семејно насилство и работеше со Министерствата за внатрешни работи и здравство, како и со УНДП со цел да се дизајнира процес на проценка на ризик за да се подобри одговорот на полицијата во такви случаи. Ќе продолжиме со ваквата помош и во 2023.
Законот за родова еднаквост е во процес на ревизија и ќе ги преземеме сите напори за да помогнеме да си финализира нацртот и да се усвои што е можно побрзо. Северна Македонија е лидер во регионот во таа област и има добри практики за споделување со соседите. Без родова еднаквост нема да се ослободиме од родово базираното насилство.