Вакцината – нова трка во вооружувањето
Вакцините против Ковид-19 не се само желба на сите, затоа што САД ги штедат своите вакцини само за Американци, а Европејците се борат против залихите. Пекинг и Москва, како и Индија, го подобруваат својот престиж со споделување на залихите на вакцини со сиромашните и ранливите земји за заштита од смртоносниот вирус, а тие, исто така, се и валута во битката за глобално влијание, наведуваат експертите, и ова особено се чуствува во битката меѓу Кина и Русија.
“Инјектирањето на овие вакцини во рацете на милијарди луѓе сега е најгорливиот предизвик за меѓународната заедница. Тоа, на некој начин, е новата трка во вооружување”, наведува истражувачкиот центар „Соуфан“.
Кина, која веќе го презеде лидерството во играта на почетокот на дистрибуцијата на маски во пандемијата, веќе им обезбеди вакцини на неколку земји, од кои на неколку и бесплатно. Околу 200.000 дози отидоа во Алжир, Сенегал, Сиера Леоне и Зимбабве, 500.000 во Пакистан и 750.000 во Доминиканска Република.
-Кина успеа да се претстави како шампион пред јужните земји, во време кога северот покажа целосен егоизам, изјави за АФП Бертран Бади, професор по меѓународни односи на Универзитетот „Сајанс-По“ во Париз.
Во меѓувреме, Русија е горда што ја дистрибуира својата вакцина „Спутник V“, именувана по првите сателити лансирани од Советскиот сојуз. Првично исмејувана во Европа, вакцината доби кредибилитет по позитивниот осврт во медицинското списание „Лансет“. Три земји од ЕУ – Унгарија, Словачка и Чешка – ја избраа руската вакцина без да чекаат одобрување од Европската агенција за лекови (ЕМА), бидејќи Европа се бори со предолги доцнења во снабдувањето со вакцини.
Средства за враќање на моќта
-За Русија да му покаже на светот дека, на крајот, помалку настрада од коронавирус отколку САД, и дека е далеку поефикасна со вакцините од западноевропските земји, тоа е начинот да се ја поврати моќта, изјави Бади за Франс Прес.
„Во меѓународните односи, сликата што ја проектирате е клучна“, рече тој, додавајќи дека рускиот претседател Владимир Путин има „манијакална волја да ја врати руската моќ, да воспостави паритет со западниот свет и да биде почитуван“.
Русија, меѓутоа, е попречена од ограничениот капацитет за производство и мораше да ги сподели придобивките од новото глобално влијание со Кина. Пекинг и помогна на Србија да стане лидер во вакцинирањето против Ковид-19 во континентална Европа. Унгарија нарача пет милиони дози на кинеската „Синофарм“, доволни за вакцинирање на третина од нејзината популација.
„Пекинг ги поврзува мерките за борба против пандемијата со Ковид-19 во земјите приматели со изгледите за постпандемиска соработка во рамките на БРИ“, масовниот инфраструктурен проект „Еден појас, еден пат“, наведува германска фондација за истражување на политики SWP. „Пекинг, пpед сe, сака на негов да се гледа на меѓународно ниво како на одговорна голема сила “, наведува фондацијата.
Трето полувреме
Индија, земјата која е гигант во вакцинирањето, почна да ги снабдува своите соседи како Непал, Бангладеш и Шри Ланка.
Помалите земји, исто така, користат вакцини како дипломатска муниција. Израел, државата која се смета за светски шампион во вакцинација, доставува дози на Хондурас, како и на Чешка, која планира да отвори дипломатска мисија во Ерусалим. Обединетите Арапски Емирати доставуваат донации за појасот Газа, палестинската територија под израелска блокада, и за Тунис. ЕУ заостанува дипломатски, но трката не е завршена, наведува висок дипломат на заедницата.
-Русите и Кинезите ги усвојуваат вакцините на прилично неконтролиран начин, без да преземат чекори за валидација, изјави дипломатот. „Сепак, ова е маратон, ќе има второ полувреме, а можеби дури и трето“, заклучи тој. (Франс прес)