Вакцината на „АстраЗенека“ е безбедна и ефикасна, соопшти ЕМА


Шефицата на Европската медицинска агенција (ЕМА), Емер Кук, попладнево на прес-конференција во Амстердам соопшти дека вакцината на „АстраЗенека“ е „безбедна и ефикасна вакцина“. Кук соопшти дека комитетот донел одлука дека придобивките ги надминуваат сите можни ризици. Вакцината не е поврзана со зголемување на вкупниот ризик од тромбоемболиски случаи или згрутчување на крвта, додаде таа.

Таа забележа дека над 2.500 луѓе починале од компликации поврзани со Ковид-19 само за еден ден минатата недела и затоа прегледот на вакцината е ставен како најголем приоритет на ЕМА. Кук рече дека европските експерти се мобилизирани за прегледот и дека земјите-членки имаат дополнителни информации за да ги информираат своите политики – откако голем број земји ги паузираа своите кампањи со вакцините.

Кук вели дека ЕМА бара да направи студии за набљудување за да истражува понатаму. И таа ги повика луѓето кои имаат несакани ефекти да го пријават тоа. Но, таа ја повтори позицијата на ЕМА дека вакцината на „АстраЗенека“ покажала најмалку 60% ефикасност во спречувањето на коронавирусната болест.

Сепак, Кук вели дека врз основа на достапните докази „сè уште не можеме да исклучиме дефинитивно поврзаност помеѓу овие случаи [со тромб] и вакцината“.