Вакцината делува: Само 167 лица се позитивни од 416.614 вакцинирани со две дози


Фото: Б. Грданоски

Во Македонија е доминатен британскиот сој, а со Делта варијантата има 30 случаи

 

Дека вакцината е многу делотворна покажуваат и последните податоци на Министерството за здравство: од 416.614 лица кои се вакцинирани со две дози на вакцина против Ковид-19 заклучно со вчерашниот ден, се заразиле 167 лица 14 дена по примена втора доза вакцина. Тоа е 0,04 отсто од вакцинираните лица. Од нив само 11 биле хоспитализирани.

Според податоците за јули регистрирани се 809 случаи позитивни на корона, а од нив 82 лица се заразиле по поминати повеќе од 14 дена после вакцинација со втората доза. Овие податоци укажуваат на фактот дека вакцината е ефикасна само кога се примени две дози и кога од примената втора доза има поминато повеќе од 14 дена.

Меѓу позитивните, има вакцинирани со „Синофарм“, „Астра Зенека“, „Спутник В“, „Фајзер“, а има и заразени кои се вакцинирале во странство со „Модерна“.

Другите податоци покажуваат дека во Македонија е доминантна британската варијанта на вирусот, а досега се детектирани 30 случаи на Делта варијантата. Но поради нејзиното брзо ширење во светот сигурно дека ќе ја зафати во поголем обем и Македонија.

Во Македонија има доволно и треба да се зголеми темпото на вакцинација. Во моментов за прва доза има 80.000 „Синовак“, 50.000 „Aстра Зенека“ и 70.000 „Фајзер“, информираат од Министерството за здравство.