Вакцинацијата во сите земји членки на ЕУ ќе почне на 26 декември

Ако Европска агенција за лекови (ЕМА) на 21 декември ја одобри вакцината на Фајзер, Европска комисија во рок од два дена ќе дозволи вакцината да биде на пазарот, изјави денеска портпаролот на ЕК, Ерик Мамер.Тој потенцира дека ставот на ЕК е вакцинацијата да почне координирано и што е можно побрзо откако ќе се потврди ефикасноста и безбедноста на вакцината.

Според Мамер, ЕК е подготвена да ја поддржи распределбата на вакцината против Ковид-19 во сите земји-членки на ЕУ во исто време и тоа сразмерно со бројот на жители.

– Првата тура вакцини ќе биде распределена во сите земји-членки сраземерно бројот на жители. Тоа е најправеден начин за сите, истакна Мамер.

Вакцината против Ковид-19 ќе биде „божиќен подарок“ за сите Европејци, оцени потпретседателот на Европска комисија, Маргаритис Схинас. Тој истакна дека ЕК вакцината ќе ја одобри со голема брзина.

– Во два дена ќе сработиме работа што обично трае два месеца, наведе Схинас, додавајќи оти вакцинацијата во сите земји-членки на ЕУ ќе почне околу 26 декември.

Италија, Германија, Франција, Шпанија, Белгија, Холандија, Луксембург и Швајцарија вчера објавија дека ќе го координираат почетокот на вакцинација.