Вакцинацијата се зголемува, но сè уште е под препорачаните 95 отсто


 

Министерот за здравство д-р Илир Демири, специјалната претставничка на СЗО во земјава, д-р Ане Јохансен, претставничката на УНИЦЕФ за Република Северна Македонија, Патриција ДиЏовани и д-р Кети Ставридис од Институтот за јавно здравје, денеска, одржаа заедничка прес-конференција, на која информираа за опфатот со имунизација во државата по повод одбележување на Европската недела за имунизација.

Демири, потенцираше дека Министерството за здравство со поддршка на ОН агенциите презема повеќе активности за одбележување на Европската недела на имунизација.

-Се организира акција која веќе е во тек, таканаречена „спринт за имунизација“, каде над 70 тимови на доктори и медицински сестри ќе излезат на терет и ќе посетат над 3.000 семејства на невакцинирани деца со фокус на вакцинација за пертусис и морбили. Исто така, Министерството за здравство од Програмата за имунизација обезбеди средства за сите вакцинални пунктови при здравствените домови низ Македонија достојно да ја одбележат неделата за имунизација со настани поврзани за прмоција, рече Демири.

Тој апелираше до родителите да ги вакцинираат децата, затоа што високиот опфат на вакцинација на соодветна возраст, создава колективен имунитет.

-Со редовна вакцинација ги заштитуваме децата, најблиските и пошироката заедница од тешки заразни заболувања. Вакцините се апсолутно безбедни, а со воведувањето на вакцинацијата како мерка за заштита од заразни болести се постигнати најдобрите резултати во историјата на медицината“, изјави Демири.

Д-р Ставридис ги презентираше најновите бројки во однос на стапката за вакцинација во 2023 година, од што може да се констатира дека опфатот со задолжителните вакцини во земјава сè уште е под препорачаните 95% и за сите вакцини е под 90 отсто.

-Во нашата земја по дваесет години, првпат во 2020 година, е регистриран опфат под 90 отсто за примовакцинација со три дози на ДиТеПер/ИПВ вакцина. Во текот 2023 година, опфатот за примовакцинацијата со три дози на ДиТеПер/ИПВ/ХиБ вакцина, како и вакцината против хепатит Б, бележи зголемување во однос на 2021 и 2022 година, но сепак е понизок од 90%. Опфатот на примовакцинација (со три дози) со вакцините вклучени во поливалентните вакцини (ХиБ/ДиТеПер/ИПВ), бележи зголемување во однос на 2022 година (84,1%) и изнесува 86,3 %, а за вакцината против Хепатит Б изнесува 85,8%, посочи д-р Ставридис.

ДиЏовани ги повика родителите да ги вакцинираат своите деца за враќање на колективниот имунитет.

-Не чекајте да избие епидемија за да ги заштитите вашите деца. Веројатно не се сеќавате дека вашите родители ве одвеле на вакцинација, но со тоа помогнале да станете дел од едно од најголемите достигнувања на човештвото. Обезбедете им ја на вашите деца заштитата што ви ја дале вашите родители во минатото. Заедно можеме да направиме пресврт и да го вратиме колективниот имунитет, изјави ДиЏовани.

Јохансен потенцираше дека во моментов со финансиска поддршка на УСАИД, Светската здравствена организација ја поддржува иницијативата „Спринт за имунизација“ низ целата земја.

-Оваа иницијатива има за цел да ја подобри пристапноста и да ги зголеми стапките на покриеност во сите региони на државата преку проширување на достапноста за услугите за вакцинација на локално ниво, обезбедување вакцинација на самото место преку мобилни тимови за вакцинација на национално ниво и делење информативни материјали за имунизација базирани на докази. Овие наши активности ќе траат сè додека секое лице кое ги исполнува условите не биде целосно вакцинирано. СЗО ќе продолжи и во иднина да ги поддржува владините напори за зајакнување на програмите за имунизација, вклучително и поддршка во развојот на новиот Правилник за имунизација, зајакнување на капацитетите за планирање и спроведување на процесите на вакцинација и поддршка на успешното спроведување на националниот план за вакцинација и многу повеќе, истакна Јохансен.

Во однос на вакцинацијата, опфатот со ротавирусната вакцина (од воведувањето во 2019 година) континуирано бележи пораст, достигнувајќи 67,9 отсто.

 

Опфатот со МРП вакцинација, бележи зголемување во однос на 2022 година (70,7%), но сè уште има низок опфат од 73,4 отсто што е далеку од препорачаниот опфат од 95 отсто.

 

Вакцината против ХПВ инфекција, како и секоја година од воведувањето, има најнизок опфат (56,6%). Сепак, бележи зголемување на опфатот во однос на 2022 година (52,5%), а особено во однос на 2020 година (35,5%).

 

Со исклучителен успех е спроведена вакцинацијата на територијата на Пехчево, каде опфатот за сите вакцини е 100 отсто. На територијата на ЦЈЗ Кочани, ЦЈЗ Кочани/ПЕ Виница, ЦЈЗ Охрид/ПЕ Дебар и ЦЈЗ Куманово/ ПЕ Кратово за сите вакцини опфатот е над 90 отсто, а за одредени вакцини достигнува 100 отсто.