Вајгл: Нема сериозна причина да не почнат преговорите со Македонија


Словенечкиот европратеник во заминување и известувач за Македонија во Европскиот Парламент, Иво Вајгл, во интервју за МИА говори за македонската успешна приказна во Европа, за Преспанскиот договор и проширувањето, за СЈО, претседателските избори и опасноста од бојкот…. Но, Вајгл говори и за иднината на Европа и за тенденциите на орбанизација, салвинизација или елепнизација на европскиот политички ракурс.
Според Вајгл Македонија е сигурно една од тие успешни приказни, приказна за успехот на дипломатијата и политиката.
„Мислам дури и дека е најголемиот успех на сите кои се занимавале со проблемите во Македонија. Се разбира, добро ги знам проблемите во Македонија, дека не е сѐ завршено, дека се ближат претседателски избори и знам дека сѐ уште има дилеми околу Преспанскиот договор, има партии, ВМРО, луѓе кои мислат дека Македонија не требала да прави толкави отстапки за да го обезбеди својот пат за ЕУ и НАТО. Но, тоа се сѐ хипотези. Јас сум уверен дека сѐ што е направено беше оправдано и дека иднината тоа ќе го потврди. Нема сомнеж дека ЕУ е целта која Македонија мора да ја оствари за подобра иднина и сигурност“, вели Вајгл.
Тој е еден од потписниците на иницијативата да им се додели награда на Заев и на Ципрас и мисли дека навистина заслужуваат.
„Секогаш кога ќе имам прилика ќе истакнувам колку е значајно (ЕУ) да го почитува зборот што ѝ го дала на Македонија, а тоа е да почнат преговорите во јуни. Само тоа би било чесно. Меѓутоа, европската политика, како што гледаме со Брегзит, е една политика која ја составуваат индивидуалните ставови на 28 земји. И патот до согласноста е навистина многу комплициран. Има време до јуни кога таа одлука не се донесе дефинитивно. Јас сум практичен човек, сметам дека обврските можат и на таков и на инаков начин да се исполнуваат. Можат преговорите да почнат во јуни, но тоа не значи дека знаеме кога ќе завршат и со каков ритам ќе се одвиваат. Тоа ќе зависи пред сѐ од реформскиот ритам во Македонија. Јас би оставил уште простор да веруваме дека нема сериозна причина да не почнат преговорите со Македонија. Но има една незгодна работа за Македонија, а тоа е дека се зборува за две земји во еден пакет, тој еден пристап може да се оправда, но може и да се каже дека имаме еден друг принцип, а тоа е принципот на индивидуална заслуга. Неправедно би било Македонија да биде заложник на ситуацијата во Албанија“, додава Вајгл.
За изјавата на комесарот Хан дека ЕК ќе предложи подготвителна фаза на преговори, што предизвика големи дебати во Македонија, вели дека тоа тактизирање со фази е реална последица на европската стварност.
„Мора да се наоѓаат меки решенија, затоа велам дека треба да се исполни ветувањето и да се отворат преговорите, но темпото може да биде такво да се интерпретира како некаква почетна фаза, тоа прашање на прилагодување на реалноста. Немам сомнеж дека ЕК уште е на позиција дека треба да се почнат преговорите во јуни, во моите разговори со функционерите во ЕК не се споменувале никакви подготвителни фази, тоа е во воздухот, подобро е да попуштиш некому, подобро е да попуштиш пред да каже “не“ за проширувањето, отколку да направиш некаков чекор напред и ако не изгледа неоптимален“, додава Вајгл.
Какви и да се резултатите на (претседателските) избори, смета Вајгл, штетно е ако нема усогласен став на врвот. „Опструкциите кои ги прави претседателот Иванов сега не се во корист на Македонија, мислам дека во едно демократско општество има други начини да се бориш за тоа во што веруваш. Треба да се има во предвид дека ако повторно дојде до некаква криза или нестабилност во Македонија, државата губи, штетна е таа партиска политика на сѐ или нешто“.