Вајц: Предлозите за македонскиот јазик и идентитет не беа грешка

Мислам дека за признавање на идентитетот и јазикот на земја кандидат за членство би требало да биде природна и непроблематична работа, изјави известувачот на Европскиот парламент Томас Вајц во однос на невклучувањето на термините македонски јазик и идентитет во усвоената верзија на неговиот Извештај.
На прес-конференција по усвојувањето на Извештајот за земјава за 2023 и 2024 година од страна на ЕП, Вајц посочи дека амандманите на првичната верзија на документот за признавање на македонскиот идентитет и јазик потекнувале од четири групи во Европскиот парламент.
– Не мислам дека тие беа грешка, но во демократски процес се одлучи таа тема да не се вклучува во овој Извештај. Мислам дека тоа е демократска одлука што треба да се прифати и ја прифаќам, рече Вајц.
Тој нагласи дека Европската Унија е изградена врз принципите на помирување и добрососедски односи, а исто така и на признавање на злосторствата од минатото, што треба да се направи за потоа да се продолжи кон изградба на заедничка иднина.
Во однос на забелешките од некои бугарски европратеници за прекршување на парламентарните процедурите при подготовката на Извештајот, Вајц нагласи дека против него се води „масовна кампања на клевети“ која е апсолутно неоснована и дека тој целосно ги следел правилата на Европскиот парламент. Вајц истакна дека ова е Извештај на Европскиот парламент за земјава, па од таму како би можело да биде несоодветно да разговара со македонски претставници кога го пишува документот.
Вајц потсети дека ова е прв усвоен Извештај на ЕП за земјава од 2022 година и неговото одобрување со значајно двотретинско мнозинство претставува поттик за државата да продолжи напред кон ефективен почеток на пристапните преговори.