„Вагнер“ се обидел да заплени нуклеарно оружје за време на бунтот
„Вагнеровците“ дошле до базата кај Воронеж каде се чува нуклеарно оружје и сакале да грабнат мали нуклеарни полнења што може да се носат во ранец. Руската војска ги спречила
За време на маршот кон Москва на 24 јуни, дел од платениците на „Вагнер“ отишле во утврдената база на руската армија, во која се складира нуклеарно оружје, пишува Ројтерс, откако го анализираше видеото од движењата на групата и разговараше со локалните жители.
Според агенцијата, „вагнеровците“ стигнале до градот Таловаја во областа Воронеж, каде руската војска влегла во битка со нив. Веднаш до ова место беше соборен еден од хеликоптерите „Ка-52“ на Министерството за одбрана. Целта на платениците била да се пробијат до базата Воронеж-45.
Шефот на украинското воено разузнавање, Кирил Буданов, за Ројтерс изјави дека бунтовниците успеале да стигнат до базата со нуклеарно оружје. Според него, „вагнеровците“ требало да добијат мали нуклеарни полнења што може да се носат во ранец. Буданов тврди дека на овој начин бунтовниците сакале „да го подигнат влогот“.
Единствена пречка за спроведувањето на овој план беа вратите на нуклеарното складиште, изјави шефот на Главната разузнавачка управа на Министерството за одбрана на Украина. Тој не даде никаков доказ за неговите зборови, а исто така одби да разјасни дали Киев разговарал за оваа ситуација со Вашингтон и другите сојузници.
Верзијата на Буданов беше делумно потврдена од извор близок до Кремљ со врски меѓу војската. Според него, „Вагнер“ „успеа да влезе во зоната на посебно внимание“. „Американците беа возбудени затоа што таму се складира нуклеарно оружје“, додаде изворот.
Инцидентот предизвика загриженост во Кремљ и придонесе за брзи преговори со бунтовниците, со посредство на белорускиот претседател Александар Лукашенко, изјави извор меѓу властите во регионите на Украина окупирани од Русија.
Меѓутоа, портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа Адам Хоџ не можеше да ја потврди оваа информација. „Во ниту еден момент немавме докази дека нуклеарното оружје или материјалите биле под закана“, рече тој.
„Практично е невозможно за недржавен актер да ја загрози нуклеарната безбедност на Русија“, рече Мет Корда, виш соработник и раководител на проектот за нуклеарни информации во Федерацијата на американските научници.
„Да имавте некој што можеше да земе нуклеарно оружје, ќе го најдеше оружјето складирано во недовршена состојба. Тоа вклучува инсталација на специјализирана опрема“, рече Корда. Тој додаде дека употребата на такво оружје бара соработка на 12-та управа на руското Министерство за одбрана, која е одговорна за заштита на рускиот нуклеарен арсенал.
Нуклеарното оружје кое се носи ранец потекнува од времето на Студената војна, а до почетокот на 1990-тите, Русија и САД се договорија да го уништат, потсетува Ројтерс. Сепак, поранешните американски претставници за неширење нуклеарно оружје признаваат дека Русија можеби го прекршила ветувањето.
Според извештајот на ОН, Воронеж-45 е еден од 12-те руски капацитети за складирање нуклеарно оружје на национално ниво.