„Вагнер“ одреди награда од 15 милиони долари за италијанскиот министер за одбрана


Италијанскиот министер Гвидо Крозето

 

Руската платеничка група „Вагнер“ одреди награда од 15 милиони долари за италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето, кој ја обвини групата за предизвикување на зголемениот миграциски бран кон Италија, се вели во извештајот на италијанските разузнавачки служби.

Веста за наградата, наводно, била примена од италијанското разузнавање пред десетина дена, но не била објавена до оваа недела. Тоа следеше откако Крозето ја обвини „Вагнер“ за зголемувањето на мигрантите од Африка во Италија.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, миграцијата се зголемила на 20.021 мигрант од 1 јануари до 15 март 2023 година, во споредба со 6.263 мигранти кои стигнале во земјата во истиот период во 2022 година и 6.041 во 2021 година.

Во понеделникот, Крозето рече дека „Вагнер“, платеничка група чиј сопственик има блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин, стои зад напливот на пристигнувања на мигранти кои предизвикаа политички превирања и во Италија и во Европа, како и голем број смртни случаи.

„Мислам дека сега е безбедно да се каже дека експоненцијалното зголемување на миграцискиот феномен што заминува од африканските брегови е исто така, во не безначајна мера, дел од јасната стратегија за хибридна војна што ја спроведува групата ‘Вагнер’, користејќи ја својата значителна тежина во некои африкански земји“.

Крозето, исто така, ги повика сојузниците, вклучително и колегите членки на НАТО да ја засилат поддршката и да го споделат товарот на проблемите што се појавуваат.

Силите на „Вагнер“ беа обвинети дека дејствуваат во неколку африкански земји, вклучувајќи ги Либија, Мали и Централноафриканската Република. Тие, исто така, се во првата линија на фронтот во украинскиот град Бахмут, пренесува Ројтерс.

Слични коментари имаше и од министерот за надворешни работи Антонио Тајани, кој за медиумите за време на посетата на Израел изјави дека е „загрижувачки“ дека многу од мигрантите кои пристигнуваат во Италија доаѓаат од области „контролирани од групата ‘Вагнер’“.

Како одговор, шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин, објави експлозивен одговор на својот канал на Телеграм, негирајќи секаква вмешаност и нарекувајќи го министерот „мудак“, сурова навреда на руски.

„Крозето треба помалку да гледа во други правци и да се занимава со сопствените проблеми кои веројатно не успеал да ги реши. Не сме свесни што се случува со миграциската криза, не се справуваме со неа. Имаме многу свои проблеми да се справиме“, додаде Пригожин.