В понеделник комеморација во чест на оперската првенка Ирена Кавкалевска
Во понеделник, 14 октомври, ќе биде одржана комеморацијата во чест на оперската првенка Ирена Кавкалевска.
Комеморација е закажана со почеток во 10:30 часот на големата сцена во Националната опера и балет.
„Уште во првата нејзина појава, Ирена Кавкалевска беше вистинско олицетворение на Кармен, бескрупулозната заводничка. Таа апсолутно пленеше со сценичноста, владееше со целото дејство, очигледно се чувствуваше удобно во улогата што а толкува. Комотна и самоуверена на сцената, мошне маркантно ja долови фаталната женска привлечност” – зборува музичката критика за креацијата на нашата уметница во познатата опера на Жорж Бизе.
Нејзината појава беше особено ретка, како на сцената така и во приватниот живот. Зрачејќи со својата елеганција, нежност и племенитост, остави голема трага во срцата на публиката и колегите. Истовремено, беше и силен борец во сите животни премрежја.
Прераната смрт Ирена Кавкалевска за Македонската опера и балет и воопшто, за севкупниот културен живот, претставува огромна загуба. Таа имаше и можеше да подари уште многу сценски и концертни креации.