В петок продолжува судењето за „Титаник“

Со изведување на околу 150 материјални докази предложени од страна на Специјалното јавно обвинителство, во Кривичниот суд во Скопје заврши денешното рочиште за предметот за изборни нерегуларности „Титаник“ на СЈО, на кое присуствуваа сите обвинети со исклучок на поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство. Следното рочиште е закажано за в петок.

Предметот, кој го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е Лиле Стефановска, се наоѓа во доказна постапка. Досега се изведени околу 4.850 од над 5.900 предложени материјални докази од СЈО.

Освен поранешниот премиер Груевски во „Титаник“ се обвинети и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.