В недела во Крушево ќе се одржи првиот пливачки маратон „Тоше Проески“

Пливачкиот Клуб „Вардар 2018“, со поддршка на Општина Крушево, во недела, на 9 август, ќе го организира Првиот крушевски маратон кој го носи името на Тоше Проески.

Маратонот ќе се одржи на Крушевското Езеро. Ќе почне во 11 часот, а должината што ќе ја пливаат учесниците е 2,5 километри.

Според објавата на пливачкиот клуб „Вардар 2018“, не случајо првиот крушевски пливачки маратон го носи името на нашата музичка ѕвезда Тоше Проески.

-Името го одбравме во чест на нашата легенда Тоше Проески. Ова е нова атракција во Крушево, нова причина многу туристи да дојдат тука. Крушевското Езеро е особено популарно откако се асфалтира патот и секојдневното одржување на патеките за трчање и возење велосипед носи многу луѓе тука, наведува клубот.

Општина Крушево ги поканува сите да дојдат на првиот пливачки маратон.

-Ги покануваме сите да не посетат за манифестацијата научно-културни средби „Десет дена Крушевска Република“ и воедно да го проследат овој нов тип на настан во Крушево в недела, вели крушевскиот градоначалник Томе Христоски.