Џафери неочекувано и гневно ја прекина седницата за Предлог-законот за ЈО


Уште практично непочната, седницата на која требаше да се расправа за Предлог – законот за јавно обвинителство и Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители беше одложена за утре во 11 часот, откако тоа го соопшти собранискиот спикер Талат Џафери. За оваа седница за збор се јавија 30 пратеници, но тие не добија можност да дискутираат, бидејќи според Џафери немало расположение да се продолжи со работа.

Џафери реагираше на статуси кои биле поставен на фејсбук. Тој рече дека не е политичар кој комуницира преку социјалните мрежи и повтори дека нема да дозволи Собранието да се претвори во театар.

Еден од статусите кој го налути претседателот на Собранието е на генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, кој вечерва напиша дека „доколку во Собранието се продолжи со тактизирање и ако на кој било начин се оневозможи гласање на важните закони, а особено Законот за јавно обвинителство, Изборниот законик, Законот за одбрана, разрешувањето на Мизрахи…, во тој случај постои реална можност ние да направиме ново парламентарно мнозинство, а потоа и нова стабилна влада која ќе организира редовни парламентарни избори“.

Дали испровоциран од ова, Џафери за утре ги повика на средба лидерите на политичките партии за да се изјаснат дали остануваат за предвремените избори на 12 април. Инаку, за в недела е веќе закажана седница на која ќе се гласа за распуштање на Собранието, по предлог на Талат Џафери. Со еден час задоцнување, седницата за законот за јавно обвинителство конечно започна. На доцното одржување на собраниската седница вечерва реагираше пратеникот Никола Мицевски, кој рече дека не е логично седницата за започне во 22 часот, а претходно пратениците цел ден да чекаат во законодавниот дом, на што Џафери возврати дека Собранието е во постојано заседавање.

Џафери закажа уште една седница, за разрешување на техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, која треба да се одржи утре во 15 часот.