В недела нема да има избори во Гостивар, Маврово, Врапчиште и Центар Жупа


Во недела, кога ќе се одржи вториот круг од локалните избори, нема да се гласа во општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и во Маврово, затоа што на гласањето во првиот круг на 19 октомври не беше постигнат цензусот од најмалку една третина излезност. Во овие општини ќе почне нова изборна постапка за избор на градоначалник во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати од локалните избори 2025, согласно Изборниот законик.

Според информациите од Државната изборна комисија (ДИК), во овие општини во првиот круг не излегоа да гласаат повеќе од една третина (33,33 проценти) од запишаните гласачи, што е законски услов за изборите да се сметаат за успешни.Во Гостивар одзивот беше 33,31 отсто, во Врапчиште 25,18 отсто, во Маврово и Ростуше 30,31 отсто и во Центар Жупа 21,49 отсто.

Следствено, Член 132-а вели дека повторените избори за соодветната општина се одржуваат во рок најдоцна 60 дена по објавување на конечните резултати, при што нема да се применува условот што се однесува на излезноста од една третина од вкупниот број избирачи.

Целиот прв круг за овие општини ќе се повтори, а новата изборна постапка ќе почне во рок од 60 дена по објавувањето на конечните резултати од локалните избори 2025. Инаку, в недела ќе се бираат градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, откако во првиот изборен круг беа избрани градоначалници во 44 општини.