Ужасна трагедија: Падна покрив на училиште, загинаа 22 деца и наставник, многумина сѐ уште под урнатините


Голема трагедија го потресе Пакистан откако се урна покривот на приватно училиште. Десетици ученици се повредени, некои се борат за живот, додека спасувачките екипи се обидуваат да стигнат до децата заробени под урнатините.

Ужасна трагедија се случи во Пакистан, каде што се урна покривот на приватно училиште, при што загинаа најмалку 22 лица. Повеќе од 35 ученици се повредени, а се стравува дека бројот на жртви може да се зголеми бидејќи некои деца се уште се заробени под урнатините.

Несреќата се случила во градот Пешавар, каде што се урна покривот на зграда додека учениците биле во приватно училиште. Според досегашните информации, најмалку 21 дете и нивниот наставник загинале, додека повеќе од 35 ученици се повредени.

Спасувачките екипи веднаш биле испратени на местото на трагедијата и се обидуваат да стигнат до децата заробени под урнатините на зградата.

Билал Фаизи, портпарол на службите за итни случаи, потврди дека неколку ученици се уште се заробени под урнатините и дека спасувачките операции се во тек.

Некои од повредените се во критична состојба
Повредените ученици се однесени во болницата „Лејди Ридинг“, каде што портпаролот Мохамад Асим изјави дека некои од нив се во критична состојба, објави „Скај њуз“.

Според достапните информации, се верува дека сите деца што починале биле помлади од 13 години.

Причината за уривањето на покривот сè уште не е позната, а околностите на оваа сериозна несреќа сè уште не се утврдени.