Ужасите на Буча (галерија)

Фотографиите од градот Буча кај Киев, откако руските сили беа приморани да ја напуштат, ја покажуваат разурнувачката моќ на војната и варварствата што ги носи


Раката на една жена, за која сведоците тврдат дека била застрелана од руските сили на улица (Фото: Ројтерс)

 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска го посети градот Буча во близина на Киев, додека продолжуваат да се појавуваат повеќе докази за злосторствата направени од руските инвазиски сили.

Тој го разгледа патот на кој руска колона била нападната од заседа и разговараше со локалните жители. Тој повтори дека Русија извршила воени злосторства и геноцид во Украина.

Запрашан од Би-Би-Си дали сè уште е можно да се разговара за мир со Русија, тој рече: „Да, бидејќи Украина мора да има мир. Ние сме во Европа во 21. век. Ќе продолжиме со напорите, дипломатски и воени“.

Претседателот Зеленски за време на посетата на Буча во понеделник 4 април (Фото: АФП)

Фотографиите што светските агенции ги објавуваат од улиците на Буча покажуваат невидено и тешко опишливо страдање на цивилното население кое се најде сред тешките борби меѓу напаѓачите и и бранителите. Сликите од убиените мртви цивили на улиците, некои со заврзани раце на грбот, како и масовните гробници ја шокираа светската јавност и ги зголемија повиците на нови санкции против Русија.

Еве како изгледа Буча, град северозападно од Киев, откако руските сили беа приморани да го напуштат.

Украинска жена поминува низ улицата преполна со уништени руски тенкови (Фото: АП)
Масовната гробница откриена во дворот на црквата „Св. Андреја“ (Фото: АФП)
Маж и две жени плачат покрај откриената масовна гробница (Фото: АФП)
Мртви тела на една од улиците во Буча (Фото: АФП)
Застрелани тела на жители на Буча, едниот маж е со заврзани раце на грбот (Фото: ЕПА)
Еден цивил е застрелан додека возел велосипед (Фото: СОПА)
Безживотно тело на маж со заврзани раце на грбот во Буча (Фото: АП)
Припадник на цивилните одбранбени сили гледа под ќебето каде што четири лица беа пронајдени мртви во близина на Буча, откако биле стаавени врз автомобилски гуми и запалени (Фото: СОПА)
Амбулантно возило уништено од граната (Фото: Анадолија)
Украински војници ги разгледуваат остатоците од руските тенкови (Фото: ЕПА)
Куче пие вода веднаш до уништените руски оклопни возила (Фото: АП)
Тања Недашкивска жали за нејзиниот сопруг Васил Иванович, кој служел во морнарицата, а бил убиен од руски војници, покрај неговиот гроб во градината на нивната станбена зграда во Буча (Фото: Ројтерс)
Жена со две пластични ќеси поминува покрај уништен руски тенк (Фото: АФП)