Утврдување зад утврдување: Како руските сили ги бранат позициите
Украинците тешко може да ги пробијат руските одбранбени линии на југот
Додека се обидуваше да заземе руска позиција со своите војници, полковникот Виктор Сикоза доби вознемирувачки вести – Русите изградиле уште едно утврдување зад неа. Седумте дена од војувањето како да беа потрошени. „Тие сè уште градат утврдувања “, рече Сикоза.
Токму овие одбранбени структури го забавуваат напредокот на украинските војници на југот на земјата. Војниците на Сикоза, или 36-та поморска бригада, го предводат украинскиот напад на едно ритче кое го држат руските сили. Засега бригадата поминала пат од осум километри.
Приказни како онаа на Сикоза може да се слушнат и од други украински команданти кои ги нападнале утврдените руски позиции. Во текот на изминатата недела, Сикоза надгледуваше напад на шумата, која е делумно опкружена со мочуришта. Русите поставија мини на единственото парче земја кое е доволно цврсто да ја издржи тежината на оклопните возила. Затоа нападот мораше да го изврши пешадијата. Маринците на Сикоза влегле во шумата и се судриле со Русите кои не биле далеку од нив. Руската единица од околу 80 војници ископа ровови во шумата, пишува „Њујорк тајмс“.
Сикоза рече дека пресвртната точка во битката дошла откако неговите војници зазеле два бункери и ров на работ на шумата. Со тој потег Украинците го прекинаа рускиот синџир на снабдување и ги принудија да се повлечат. Војниците на Сикоза се мотивирани – сакаат да заземат позиции и сакаат да заробат руски војници. 36-та морска бригада се бореше во Мариупол во текот на првиот месец од војната. Русите ја опколија и заробија повеќе од 1.000 маринци. „Сакаме да ги размениме заробените Руси за нашите момчиња“, рече Сикоза.
Нападот на Сикоза на југот на Украина е од лична природа. Украинскиот полковник го напушти Крим кога Русите илегално го анектираа во 2014 година. Ако контраофанзивата на Украина успее, тогаш Киев би можел да го удри патот што води кон полуостровот со артилерија и да ги загрози руските синџири за снабдување.
Сепак, контраофанзивата не оди според планот, а тоа го призна дури и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Западот исто така се надеваше дека контраофанзивата ќе биде побрза, а американските власти известуваат дека Украинците исто така губат скапа и драгоцена западна машинерија на минските полиња.
Сикоза вели дека Русите ги граделе утврдувањата повеќе од една година. Затоа, вели полковникот, контраофанзивата нема да биде толку брза како што се мислеше. Сикоза вели дека Русите имаат три одбранбени линии зад споменатото ритче. Руските сили дополнително ги зајакнаа со „змејски заби“, бетонски барикади дизајнирани да ги запираат и забавуваат тенковите. Покрај тоа, Русите испратија дополнителни војници на тоа место. Рацете на Сикоза се повеќе или помалку врзани. „Немаме доволно прецизно оружје за да нападнеме цели кои се многу далеку“, рече украинскиот полковник, додавајќи дека овие дополнителни утврдувања ќе ги забават украинските војници.
Сепак, ситуацијата не е безнадежна. Еден од војниците на Сикоза собори руски хеликоптер користејќи противтенковска ракета „џејвлин“. Исто така, иако располага со артилерија од советската ера, 36-та поморска бригада успеала да ги погоди руските касарни, кои се многу далеку од фронтот.
Кога руските војници објавија видео на социјалните мрежи во кое се жалат на лошите услови за живот, украинските сили препознаа зграда од тули која им влезе во кадарот и истрелаа серија ракети кон нив.