Утре во Софија прв состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија

Првиот состанок на Заедничката меѓувладина комисија меѓу Северна Македонија и Бугарија ќе се одржи утре во Софија согласно обврските кои произлегуваат од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан меѓу двете земји  во август 2017 година.

Со Комисијата, како што информираат од МНР, ќе ко-претседаваат министерот за надворешни работи Никола Димитров и министерката за надворешни работи на Република Бугарија Екатерина Захариева.

Во рамките на програмата на Меѓувладината комисија, како што информираат од МНР, предвидени се  билатерални средби на министрите Димитров и Захариева, како и средби на хомолозите од ресорите економија, одбрана, локална самоуправа, образование и наука, транспорт и врски, на кои ќе се зборува за постигнатиот напредок во соработката во овие области, по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, а ќе се разговара и за идните активности и проекти.