Утре во Париз средба Фон дер Лајен – Венс


 Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен утре на маргините на Самитот за иднината на вештачката интелигенција, што се одржува во Париз, ќе се сретне со американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс. 

– Можам да потврдам дека претседателката утре ќе се сретне со потпретседателот на САД, Џејмс Дејвид Венс и оваа средба ќе се одржи во Париз, изјави денеска заменикот главен портпарол на Европската комисија, Стефан де Керсмакер. 

Ова ќе биде прва средба на Фон дер Лајен со претставник на новата администрација на САД од стапување на должност на американскиот претседател Доналд Трамп на 20 минатиот месец. 

Средбата ќе се одржи во време на зголемени тензии во односите меѓу ЕУ и САД по најавите на Трамп за воведување царини за увоз на стоки од Унијата и заканите за преземање контрола врз данскиот остров Гренланд. Дополнително, Венс се закани со преземање санкции против ЕУ, доколку ЕК им изрече казни на американските ИТ гиганти врз основа на Законот за дигитални услуги на Унијата.