Утре во Брисел ќе се расправа за Македонија и меморандумот на Бугарија

Станува сѐ поочигледно дека Бугарија има амбиции да ни напише целосно нова историја до ден денешен

 

Амбасадорите на ЕУ утре ќе имаат состанок во Брисел кој нема да биде онлајн и на него ќе се расправа за почнувањето преговори со Македонија и во врска со тоа за противењата на Бугарија. Состанокот ќе почне претпладне и има многу точки на дневен ред, а бидејќи преговорите со Бугарија сѐ уште течат, а бугарските политичари секојдневно лицитираат со нови барања, тешко ќе произлезе некаква одлука на ова ниво која ќе отвори пат за првата меѓувладина конференција.

Откако од Гоце Делчев преставници на бугарската владејачка партија стигнаа со барањата до 11 Октомври и бугарската окупација, се комплетира целата листа на досегашните историски барања од Бугарија – од турско, па до денешен ден. Од она што излезе досега, Бугаiрја го спори македонскиот јазик, македонската нација, бара Гоце Делчев да добие „лична карта“ во Mакедонија во која ќе стои дека е Бугарин (т.е. така да биде впишан во учебниците), бара гаранции за немешање околу малцинството, бара политичка рехабилитација на тие што настрадале за време на комунизмот за бугарски идеи, бара да не се употребува скратеното име договорено со Грција и ОН (Северна Македонија), а од документите и учебниците да исчезнат зборовите „бугарски фашистички окупатор“ и место тоа да стои „бугарска администрација“.

Накратко кажано, бугарските комплекси околу историската улога на нашата држава треба да ги решаваат преку Македонија и да воспостават цврст терен за во иднина да тврдат и натаму дека Македонија е вештачка творба. Сѐ поочигледно, Бугарија има амбиции да ни напише целосно нова историја до ден денешен.

Како тоа би изгледало може да се сфати од текстот на поранешниот советник во тимот на екс-претседателот Петар Стојанов, Николај Василев, кој пишува дека политичкиот систем во Бугарија за време на Втората светска војна во никој случај не може да се преттстави како „фашистички“, а уште помалку како нацистички  – бидејќи Бугарија тогаш не била тоталитарна држава, имало политички партии и имало функционален парламент во кој имало различни ставови.

„Што се однесува до неспорниот факт дека Бугарија потпиша договор за пристапување кон Трипартитниот пакт, ова не ја прави автоматски земјата ‘фашистичка’. Ако сакаме да ја разбереме историјата, мора да го забележиме подеднакво неспорниот факт дека Бугарија направи значителни напори да остане неутрална. Таа не се приклучи на Пактот заедно со Унгарија и Романија, ниту кога Мусолини ја нападна Грција. Пристапувањето кон пактот беше потпишано на 1 март, во време кога Хитлер ѝ го ветуваше Солун на Југославија. Одлуката на кралот и владата нема никаква врска со ‘македонското прашање’. Тоа беше диктирано само од страв од претстојната нацистичка опасност. Значи, претставувањето на Бугарија како ‘фашистичка’ земја е крајно пристрасно“, пишува Василев во бугарскиот вебсајт „Фактор“.

Според него, од 1 март 1941 година Бугарија престанала да биде независна и место тоа „држава со ограничен суверенитет“, или како што вели тој –  станала нацистички вазал. Тоа, смета тој, ја соочило како земја со две можни опции – да му служи на германскиот режим во надеж дека ќе биде наградена или да се обиде да ја сведе на минимум соработката, при што Софија се решила за второто.

„Не испраќаше трупи на ниту еден фронт, одржуваше дипломатски односи со СССР и кршејќи го озлогласениот Договор Белов-Денекер, им ги предаде на нацистите само оние Евреи што ги освоиле за ‘администрација’“, пишува Василев.

„Пред да стапне првиот бугарски војник во Македонија, Југославија веќе капитулираше пред Хитлер и Мусолини. Германија и Италија станаа полноправни господари на целото кралство. Тие се окупатори. Дури потоа бугарската војска дојде во Македонија. Ако треба да бидеме фер, ќе прецизираме дека вазалската (иако прилично непокорна) Бугарија ја презеде администрацијата на дел од окупираната од нацистите Југославија“, тврди тој, сугерирајќи дека затоа кај нас треба да се користи терминот „бугарска администрација (во услови на нацистичка окупација на Југославија и нацистички суверенитет над Бугарија)“. Па, додава:

„Вазалството на нацистичката империја е далеку од тоа да биде најславната страница во бугарската историја. Но, тешко е да се негира дека служело како штит помеѓу локалното население и нацистичките окупатори. Благодарение на Бугарија, сите македонски војници кои служеа во југословенската армија беа ослободени од германско и италијанско заробеништво, тврди тој, додавајќи дека од тие причини бугарската администрација мора да биде преставена објективно и да се каже јасно каков  бил нејзиниот состав, бидејќи во неа служеле братот на Никола Карев и синот на Питу Гули.

Треба да ја анализираме политиката на бугарската администрација и најмногу од сè – треба да бидеме свесни кои биле нејзините алтернативи. Според југословенските истражувања, за време на Втората светска војна Црна Гора изгуби околу 10% од своето население, Србија 6,9%, додека жртвите во Македонија беа под 1%, вклучувајќи ги и оние убиени од режимот на Кралската Југославија, бугарската администрација, нацистите, од италијанската окупаторска армија, од албанските балисти, од комунистите, како и убиените на фронтот во Срем. Според францускиот истражувач Пол Гард, значително помалиот број на жртви се должи на фактот дека ‘окупатори биле Бугарите’“, пишува Василев.

Според него, за многу од тогашните жители на Вардарска Бановина зборот „Македонци“ значел во поголема или помала мера „дел од бугарскиот народ“.

„Никој тогаш не ги замоли Германците да не им дозволуваат на Бугарите да дојдат во Македонија. Токму спротивното. Не случајно во тоа време употребата на терминот ‘Македонци’ беше легална само во Бугарија. Тука имаше македонска парламентарна група, македонска народна банка, македонска банка за соработка, македонски научен институт, македонски добротворни организации, македонски национален комитет, македонски младински сојуз итн. Фудбалскиот тим ‘Македонија’ опишан во филмот ‘Трето полувреме’ доби право да биде наречен така само по пристигнувањето на бугарската администрација“, пишува тој.

Според него, договорот од 2017 година признава две земји и два народа, кои, сепак, имаат заедничка историја.

„Оваа приказна е сложена и контрадикторна, но е вообичаена. Заеднички ни се светлите личности како Св. Климент и Наум, Цар Самуил, Гоце и Даме, иако некои од нив можеби се спротивставиле на поединци и организации како што се ‘Акционите комитети’ кои објавија присоединување на Македонија со Бугарија под покровителство на Хитлер. Заеднички го делиме и бугарскиот полковник Љубен Апостолов од Крива Паланка кој нареди да се пука на ‘децата  од Ваташа’, за што тогаш беше казнет од бугарските власти.

Тврдењата дека  Бугарија станала фашистичка земја, а македонскиот народ во 1941 година избрал да застане на страната на анти-Хитлер коалицијата и да се крене на антифашистичко востание можеби беа погодно политичко средство веднаш по Втората светска војна, но тие не ја одразуваат историската вистина денес и ги трујат односите  меѓу Бугарија и РС Македонија“, заклучува Василев. (С.Ј.)