Утре стигнува помошта што ја најави Мицкоски


И вториот пријател на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Будимпешта, утре ќе испрати медицинска помош за справување со орона вирусот. Како што најави МНР, на негово барање, унгарскиот шеф на дипломатијата Петер Сијарто утре ќе дојде во Скопје заедно со конкретната помош, за која во моментов не се знае што е и колку.

Сијарто ќе има средба со министерот Никола Димитров, како и со други високи претставници. Соработката во справувањето со глобалната пандемија Ковид-19 ќе биде во фокусот на разговорите..

Воедно за време на средбата ќе се разменат и информации за натамошните чекори во европската агенда на земјата по добивањето на позитивната одлука на Советот за општи работи на ЕУ за отпочнување на пристапни преговори со Северна Македонија.
Ќе бидат разгледани и билатералните односи, можностите за нивно понатамошно унапредување, како и продлабочување на соработката и солидарноста помеѓу двете земји, но и во рамките на Европската Унија.

Давањето помош изминативе недели стана главно дипломатско оружје во светот,  при што толку стана актуелно, што во оваа трка се вклучија и земји кои немаат доволно медицинска опрема и лекови и за своите потреби. Хуманитарните пратки станаа кич политички натпревари, иако зад некои од нив стојат искрени политички мотиви.