Утре сообраќаен режим во Скопје, штрајкува НСОН


Фото: Б. Грданоски

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека утре во периодот од 12:00 до 14:30 часот, поради одржување на синдикален протест, ќе биде спроведен посебен сообраќаен режим на подрачјето на Град Скопје.

Протестот ќе се одвива со траса на движење од Жена-парк на улица „11 Октомври“, преку улица „Димитрие Чуповски“, булевар „Св. Климент Охридски“ и улица „Св. Кирил и Методиј“, па сѐ до зградата на Министерство за образование и наука.

Од МВР посочуваат дека Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по горенаведените сообраќајници.

МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива протестот.

Во повикот на НСОН до вработените во образованието и до јавноста се вели:

„Како резултат на недостаток на социјален дијалог, погазување на работничките права, погазување на достоинството на просветните работници, непочитување на законите и колективните договори, членовите на НСОН ќе го искажат своето незадоволство преку јавен протест. 

Незадоволни сме од најавите за спојување на повеќе наставни предмети Географија, Историја, Хемија, Физика, Биологија, Граѓанско образование, Етика, Информатика, Техничко образование. Ваква појава може да предизвика губење на дел од работните места, а истовремено го погазува професионалниот интегритет на работниците.Незадоволни сме и од непочитувањето на колективните договори во секторот образование. Во моментов најниската плата за најнизок степен на сложеност изнесува 12.000 денари (нето), а сведоци сме дека минималната плата во државата изнесува 20.175 денари (нето). Министерството за образование и наука нема слух ниту волја да ги почитува законите, а паралелно на сето тоа, сведоци сме како јавните функционери експресно ја спроведоа одлуката на Утавниот суд и добија покачување за 78%.

За јавниоте функционери законот е закон и тој мора да се почитува, а за просветните работници не важат истите правила“.