Утре се потпишува договор со МАН за набавка на 33 автобуси на гас за ЈСП


ЈСП „Скопје“ набавува 33 еколошки автобуси, кои ќе се движат на гас, од производителот МАН, кои треба да придонесат за почист воздух во главниот град.

Како што најави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, утре треба да потпишат договор со производителот на автобуси МАН.

– Во текот на утрешниот ден ги очекуваме претставниците на МАН и го потпишуваме договорот за набавка на нови 33 градски автобуси кои што ќе бидат на гас. Заштедата што ќе ја направиме со овие 33 автобуси е 700.000 евра годишно – нагласи Шилегов, на панел-дискусијата „Обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност за подобра животна средина“.

Парите за автобусите се обезбедени преку Договорот за користење заем од ЕБОР во висина од 10 милиони евра, кој беше потпишан во јануари годинава. Со тие пари плус со 1,8 милиони евра од сопствено учество на ЈСП „Скопје“ треба да се набават околу 35-те нископодни (зглобни и моно автобуси), соопштија прред неколку месеци од сообраќајното претпријатие.

– Очекувано е новите автобуси да се пуштат во сообраќај во април 2020 година. Допрва ќе се одлучи на кои релации ќе сообраќаат новите еко-автобуси – соопштија пред извесно време од ЈСП.

Еко-автобусите имаат повеќе предности. Тие ќе овозможат побрз и пофункционален јавен превоз, а значително ќе се придонесе и за подобрување на квалитетот на воздухот.