Утре резултат од стручниот надзор за трудницата која остана парализирана, извршен и тој за охриѓанката


Фото: Б. Грданоски

Завршен е вонредниот инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) во општите болници во Охрид и Струга и на Клиниката за гинекологија и акушерство за случајот со пациентката Љ. Ш. од Охрид, која пред да ѝ заврши бременоста го загуби својот плод. Од страна на министерот за здравство Сашо Клековски побарано е да се проверат работата на матичниот гинеколог и третманот во приватна здравствена установа.

Клековски денеска изјави дека извештајот ги покрива општите болници во Охрид и Струга и Клиниката за гинекологија и акушерство за периодот од мај до септември.

– Увидот е направен и побарав да се провери работата на матичниот гинеколог пред пациентката да оди во болницата во Охрид. Има една изјава дека во овој период била и во една приватна здравствена установа и побарав да се изврши увид во тоа што е правено во таа болница за да имаме комплетна информација. Како и со претходниот случај, сакам да оствариме контакт и со пациентката бидејќи ова не треба да биде комуникација преку медиумите. Апелирам на малку трпение. До утре ќе го комплетираме извештајот и со матичниот гинеколог и со приватната здравствена установа – рече Клековски. 

Во врска со случајот со пациентката С. М., тој посочи дека стручниот надзор е завршен и утре на прес-конференција со докторите од стручниот надзор ќе ги презентираат резултатите. С. М. од Струмица, по породувањето со царски рез во штипската болница, останала неподвижна.